Филмска музика во симфониско руво на плочникот кај Градски ѕид

Градоначалникот Горан Герасимовски ги поканува сите скопјани во сабота на
„Центарска симфонија“, концерт посветен на најубавата филмска музика, изведена во живо од камерен оркестар и бенд, со специјален гостин музичката ѕвезда Александар Тарабунов.
Концертот ќе се одржи оваа сабота (28 јуни 2025) со почеток во 20:00 часот, на плочникот кај Градски ѕид (Клуб на новинари).
„Центарска симфонија е музичко патување низ емоции, спомени и современи интерпретации во Центар, во срцето на Скопје. Ќе слушаме македонска и светска филмска музика во ново, моќно симфониско руво. Со настани како ‘Центарска симфонија’ ја збогатуваме културната понуда на Општина Центар и ја доближуваме уметноста до секој граѓанин. Горди сме што инвестираме во култура која ги поврзува генерациите и ја разубавува заедничката слика за животот во Центар“, вели Герасимовски.
Концертот е бесплатен за граѓаните и е дел од културната програма на Општина Центар, која годинава носи повеќе настани.
„Ве поканувам на 28 јуни на ‘Центарска симфонија’, ќе пееме филмска музика и за првпат ќе имате можност да ја слушнете мојата најнова песна „Заедно“ со симфониски оркестар. Дојдете да пееме заедно и да уживаме таа вечер”, порачува Тарабунов.