Филмовите на Алмодовар, Малик и Долан во трка за „Златна палма“ во Кан
Франција – Филмовите “A Hidden Life ”на Теренс Малик, “Matthias and Maxime“ на Хавиер Долан и “Pain and Glory” на Педро Алмодовар ќе се натпреваруваат за „Златна палма“ на годинешниот 72. Меѓународен филмски фестивал во Кан, соопштија денес организаторите.
Мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалес Инариту, добитник на два „Оскара“, за филмовите „Повратник“ и „Човек птица“, ќе претседава со жирито на една од најпрестижните филмски смотри во светот која ќе се одржи од 14 до 25 мај. Со изборот на педесет и петгодишниот мексикански уметник на местото претседавач со жирито, Фестивалот ќе ја „слави целокупната мексиканска кинематографија“, и во прв план ќе го стави режисерот кој со помош на виртуелната стварноста на гледачите им овозможи да го спознаат пеколот низ кој минуваат мигрантите во филмот „Месо и песок“. За овој филм во 2018 година Инариту го освои „Оскарот“ во категоријата особени постигнувања. Лани претседателка на жирито беше актерката Кејт Бланшет, која играше во неговиот филма „Бабел“ од 2006 година. Инариту тогаш ја освои „Златната палма“ за најдобар режисер.
„Златната палма“ минатата година му припадна на јапонскиот режисер Хироказу Коре-ед за филмот „Крадци“(Shoplifters).
Фестивалот годинава ќе ѝ оддаде почит на неодамна почината режисерка Агнес Варди, со нејзиниот лик на главниот плакат за настанот.
Свеченоста ќе ја отвори филмот „ Мртвите не умираат“ (The Dead Don’t Die) на американскиот независен режисер Џим Џармуш, кој 1984 година ја доби „Златната палма“ за остварувањето „Почудно од рајот“. На фестивалот ќе биде прикажан и биографскиот филм за Елтон Џон – „Rocketman“.