Филмот „Отецот наш” на Горан Станковиќ со светска премиера на 50. Филмски фестивал во Торонто

Дебитанскиот игран филм на режисерот-сценарист Горан Станковиќ, снимен во копродукција со Македонската филмска продукција „Дрим фектори“ (Огнен Антов, Стојан Вујичиќ), ќе ја има својата светска премиера во програмата „Дискавери“ на Интернационалниот филмски фестивал од А-класа во Торонто, Канада, којшто ќе се одржи во септември, соопштија продуцентите.
-Регионалната соработка е од клучно значење за нашите земји да можат да реализираат големи филмски проекти кои ќе бидат забележани и избрани на елитни фестивали како тој во Торонто. Навистина голема привилегија е што нашиот филм ќе ја доживее својата светска премиера на Торонто Филмскиот Фестивал (ТИФФ) – платформа со светско реноме што отсекогаш ги открива и промовира најталентираните нови филмски автори, велат македонските продуценти Антов и Вујичиќ (Dream Factory Macedonia), поврзано со светската премиера. Успеавме да собереме голем број македонски креативци кои активно учествуваа во обликувањето на проектот, како Тони Михајловски, Игор Поповски, Дарко Бошковски, Александар Ристевски и др.“, се наведува во соопштението.
Во филмот глумат Бранко Исаковиќ, Вучиќ Перовиќ, Јасна Жалица, Тони Михајловски, Ненад Хераковиќ и други. Продуцент на филмот е Снежана ван Хаулинген, а продукцијата им припаѓа и на продукциските куќи „Дис енд дет продакшнс“ (од Србија), „Дрим фектори“ (Македонија), „Најтсвим“ (Италија), „Пом-Пом филм“ (Хрватска), „КИНО“ (Црна Гора) и „Нови филм“ (Босна и Херцеговина).
„’Отецот наш’ ја следи приказната за Дејан, зависник од дрога кој доаѓа во манастирски комплекс во оддалечен дел на Србија за да се лекува од својата зависност. Таму, тој е подготвен да биде под будното око на отец Бранко, харизматичен и строг свештеник чии методи на ‘излекување’ стануваат се поекстремни“, се вели во описот.
Ова е долгометражниот деби-настап на режисерот Горан Станковиќ, кој претходно се здоби со признание во регионот како ко-сценарист и режисер на ТВ-сериите „Операција Сабја“ и „Утрото менува сѐ“.
– Филмот ја истражува тенката линија меѓу дисциплина и насилство, меѓу духовно водство и авторитарна контрола. Она што почнува како систем за поддршка, на крај ќе се претвори во затворен систем што ја оправдува репресијата во името на промената, објаснува Станковиќ.
Филмот „Отецот наш“ е поддржан од Филмскиот центар на Србија, Министерството за култура на Република Србија, македонската државна Агенција за филм, Министерството за култура и туризам на Италија, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Филмскиот центар на Црна Гора, Сараевскиот филмски фонд, „Креативна Европа – МЕДИА“ програмата и „РЕ-АЦТ“ фондот. Меѓународниот филмски фестивал во Торонто е еден од најголемите и најпосетуваните фестивали во светот, а добитниците директно се квалификуваат за номинации за БАФТА-наградите и за „Оскарите“. Фестивалската програма се објавува постепено, а целосната програма ќе биде објавена до 12 август. Јубилејното 50. издание ќе се одржува од 4. до 14 септември.