Филков: Од утре започнуваат стручните дебати за реформа на Судскиот совет
Министерот Филков говореше и за состојбата која ја затекнал во Министерството за правда, празниот буџет, нерационалност и крајна девастираност на институцијата.
„Моравме да реагираме веднаш и да преземеме конкретни активности. Реформата на комплексен систем како што е судството, бара упорност, храброст и поддршка од сите сектори на општеството. Ние сме подготвени тоа да го направиме. Во овие 100 дена докажавме дека промената не само што е можна туку веќе е во тек. Ја поништивме одлуката на претходната Влада за десеткратно зголемување на нотарската тарифа. Како резултат на средбите со неколку синдикални организации, пристапивме кон изработка на нов Закон за судска служба. Пристапивме кон завршување на деценискиот процес за кодификацијата на граѓанското законодавство. Одржавме јавни расправи за Законот за кривична постапка за понатамошно модернизирање и рационализирање на нашите правни процеси, по што ќе се пушти во владината процедура. Остваривме голем број средби со амбасадори, претставници на професионалните комори, домашни и странски експерти, граѓански организации, но и синдикални организации. Секоја од средбите резултираше со нова идеја, иницијатива и идна соработка,” потенцира Филков.
Министерот соопшти и дека после 8 години, Комората на вештаци конечно стана функционална и извршен е упис во Централен регистар.
„Формиравме 16 професионални одделенија, назначени се нивни раководители и заменик раководители. На 25.09.2024 година, беше одржана седница на Основачкото собрание на Комората на вештаци. На седницата на основачкото собрание беа избрани органите на комората и донесени основачките акти на коморат“, рече министерот за правда Игор Филков.