Филков: Комората за вештаци регистрирана во Централниот регистар, почеток на нова реформа во правосудството
Комората за вештаци на 25 октомври годинава е регистрирана во Централниот регистар со што може да кажеме дека по осум години таа профункционира. Со ова обезбедуваме поголема, транспарентност, независност и професионалност во процесот на вештачењето, порача министерот за правда Игор Филков.
Со ова, порача Филков, означуваме една нова реформа на нашиот правосуден систем и ќе се решат проблемите со кои се соочуваа вештаците со години наназад, како во поглед на заштита, така и во поглед на издавањето на лиценците и нивната важност.
– За МП основањето и работата на Комората е многу важно. Без квалитетно и навремено вештачење многу судски постапки се одолговлекуваат, а во некои случаи невозможно е да се донесат правилни и објективни одлуки. Вештаците претставуваат еден од носечки столбови врз кои се потпираат судските пресуди и одлуките на органите на државната управа, изјави Филков.
Функционалната комора, нагласи Филков, е клучен чекор кон подобар правен систем и создавање на силен механизам за контрола и поддршка на вештаците.
Претседателот на Комората на вештаци Виктор Камнар, порача дека основна цел и визија на Комората е зголемување на квалитетот на сите вештачења.
– Недвосмислено и професионално ќе работиме согласно одредбите на законодавецот. Да најавам, следниот месец ќе биде објавен оглас за сите кои што сакаат за првпат да станат вештаци за да се овозможи добивање лиценца, изјави Камнар.
Издавањето на лиценцата, посочи Камнар, е во надлежност на МП, но сите обуки се преку Комората, во која формиравме 16 професионална одделенија.