Филипче:Нема да отстапиме од ставот сите децата во градинките и училиштата да бидат вакцинирани


Министерот за здравство Венко Филипче подвлече дека не отстапуваат од ставот сите деца да бидат вакцинирани, и оние кои одат во градинка и оние кои се примаат, односно запишуваат во прво одделение во основните училишта. Ваквата негова изјава следеше по онаа од министерот за образование и наука Арбер Адеми дека една од опциите која ќе ја разгледуваат на седница на Влада е децата кои се невакцинирани, да се запишат во прво, периодот што следи да се вакцинираат,а ако и натаму останат невакцинирани да се пристапи кон теренска вакцинација од септември.

„Сакам да потенцирам дека нема да отстапиме од ставот  сите деца што се примаат и во градинките и во училиштата да бидат вакцинирани. Не смееме, кога ги имаме сите инструменти во рацете, кога тоа е пропишано со закон задолжително да се даде таа потврда за вакцинација, да замижеме и да направиме пропуст и да ни се случуваат вакви епидемии со смртни случаи“, рече Филипче .

Тој посочи дека во неделата по инаугурацијата на претседателот Стево Пендаровски имале неформална средба со министерот за образование и наука, Арбер Адеми и со министерката за права Рената Дескоска, на која биле присутни и повеќе пратеници, а дел од нив се доктори.

„Разменивме мислења. Министерот за образование сакаше тоа прашање да го постави на седницата на Владата за да добиеме и соодветни правни мислења од Секретаријатот за законодавство. Верувам дека до крајот на денот ќе излеземе со усогласено мислење. Верувам дека до утрешниот ден ќе имаме еден усогласен став, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на 12 нови возила за Итната медицинска помош“, додаде Филипче.

(В.М.Л.)