Филипче за унгарскиот кредит: Владата ги троши ресурсите на државата и парите на граѓаните
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска го оцени унгарскиот кредит како неповолен за државата, за компаниите и за граѓаните и упати критики до Владата бидејќи, како што посочи, непотребно се трошат ресурсите на државата и на граѓаните.
Одговарајќи на прашање како ги коментира шпекулациите дека каматите од унгарскиот кредит можеби ќе ги плаќаат граѓаните, Филипче на прес конференцијата во седиштетото на партијата, посветена на Предлог-буџетот за 2025 година, рече дека унгарскиот кредит не е поволен така како што го рекламирала Владата на почетокот.
„Прво, главното прашање е зошто толку многу рано се повлечени средствата, кога ниту општините се спремни да ги искористат, ниту пак, очигледно, Владата има развиен механизам како ќе ги подели до компаниите, а граѓаните за тоа време плаќаат камати. Годишно каматите за тој кредит ќе изнесауваат околу 18 милиони евра“, рече Филипче додавајќи дека тоа значи дека ние веќе плаќаме камати за кредит кој што е целосно повлечен, а можело да се повлекува на пример по делови.
Филипче ова го спореди со земање кредит од страна на некој граѓанин за стан или автомобил, кога тој би го подигнал кредитот и би почнал да плаќа камати, а станот или колата да му дојде следната година.
„Нема никаква домаќинска логика. Не знам зошто премиерот и владата вака недомаќински се однесуваат со ресурсите на државата и со парите на граѓаните“, рече Филипче.
Според него потребно е време општините да напрват проекти и тие да се реализираат. Вака, сме доведени во ситуација најмалку шест месеци граѓаните да плаќаат камати без никаква потреба.
Тој смета дека Владата нема план ниту во однос на компаниите како ќе се поделат парите.
„Нормално е дека комерцијалните банки за свои трошоци ќе ја зголемат каматната стапка. Тогаш првото прашање кое што се поставува е дека не станува збор за така поволен кредит како што сакаше да го рекламира Мицкоски на почетокот“, рече Филипче.
Според негови информации, има македонски компани кои што се добро рангирани во А категорија и кои земаат кредити од домашните комерцијални банки со каматна стапка под три проценти, односно по онаа која што е предвидена за унгарскиот кредит.
„Прво прашање кое што се поставува е зошто граѓаните да плаќаат камати и да враќаат кредити за развој на некои компании. Каков бенефит ќе имаат граѓаните кога ќе плаќаат кредит за некои комерцијални компании. И второ прашање е зошто премиерот не беше фер да каже дека каматата нема да биде само 3,25 проценти, туку многу повеќе, а во овој временски период и значајно повеќе од она што реално може да се најде на пазарот и преку комерцијалните банки“, рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче.