Филипче: За кого работи министерот за здравство со советници од приватни болници?


Фото: Б. Грданоски

Во главниот советнички тим на министерот за здравство има лекари од приватни болници, рече денеска од Струмица лидерот на Социјалдемократски сојуз (СДСМ), Венко Филипче, коментирајќи ја состојбата во ресорот со кој тој раководеше во минатата влада.

Поради тоа упати прашање до актуелниот министер за здравство Азир Алиу – за кого крои политики, за доброто на јавното здравство или за приватните болници, токму под влијание на неговите најблиски советници.

„Но, тоа не изненадува бидејќи оваа власт секој ден покажува и докажува дека работи само за големите бизниси и компании, за приватните болници, а ништо за обичните луѓе и за народот“, рече тој.

Според него, здравствениот систем сега се соочува со огромни проблеми и пропусти.

„Се соочуваме со една ситуација во која млади лекари специјализанти се оставени сами на себе, без никаква поддршка се пуштаат сами, без контрола во работата. Кога здравствениот систем и Министерството не прават ништо да го воспостават тој систем на контрола, се случуваат и големи грешки“, кажа Филипче.

Посочи дека во времето кога тој бил министер за здравство се зголемиле платите на здравствените работници, за разлика од сега, кога власта за една и пол година не им даде никакво покачување, што според него, е доказ дека никој не се грижи ниту за работниците ниту за државата.