Филипче за кампањата на ВМРО-ДПМНЕ: Лаги,клевети и измислици, немаме никаква коалиција со ДУИ и Левица

Ние ќе водиме позитивна кампања, ќе ги промовираме сите позитивни работи, проекти коишто се имплементирани од страна на нашите градоначалници, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција во Општина Центар, каде што одговараше на новинарски прашања каква кампања очекува.
Но, Филипче посочи дека силно ќе ги критикуваат и тоа аргументирано лошите политики и работата на градоначалниците од другите партии а како што рече „пред се ВМРО ДПМНЕ силно ќе го критикуваме, блокирањето на град Скопје, заради тесно партиските интереси се со цел да граѓаните гласаат врз основа на факти“.
Прашан како ја коментира изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети во којашто владејачката коалиција ја нарече загари, Филипче со одговор дека во оваа кампања граѓаните ќе се изнаслушаат секакви работи.
– Еве кажав каква ќе биде нашата кампања, не би навлегувал да коментирам такви изјави, вели Филипче.
Прашан пак дали очекува ВМРО ДПМНЕ да води негативна кампања, Филипче со став дека то не би го изненадило, имајќи предвид како оваа политичка партија, како што наведе, „се однесувала изминатите седум-осум години, како се однесувале минатата година, и на што се се спремни да инструираат, да направат, да измислат“.
-Морам сега да упатам една порака дека не е исто да си на власт и во опозиција. Треба малку поодговорно да пристапуваат сите чинители, кои се на власт, бидејќи работат пред се за интересот на граѓаните, рече Филипче.
Што се однесува за изјавата на лидерот на ВМРО ДПМНЕ и примиер Христијан Мицкоски дека на овие избори има две опции, а тоа е СДСМ, ДУИ и Левица, Филипче со одговор дека нема таква коалиција меѓу СДСМ, ДУИ и Левица.
– Не, ние немаме коалиција ниту со ДУИ, ниту со Левица. Меѓутоа се согласувам со премиерот дека граѓаните имаат две опции. Едната е напредна, проевропска опција, којашто нуди чесни, добри кадри, коишто покажаа како се работи за доброто на граѓаните, а тоа е СДСМ, а другата опција е ВМРО ДПМНЕ, којшто се служат со лажни кампањи, со лаги, со клевети, коишто се докажаа дека се неработници, коишто се докажаа по тоа што дека го блокираа и го запустија градот Скопје, изјави Филипче на заедничката прес-конференција со кандидатката за градоначалник на Скопје, Каја Шукова.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски порача дека пред граѓаните постојат само две политички опции за претстојните избори – коалицијата СДСМ, ДУИ и Левица или коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој направи лапсус менувајќи му го презимето на лидерот на Левица од Апасиев во Заев, а потоа кажа дека тоа не е лапсус.
„Едната опција е СДСМ, ДУИ и Левица, тоа е коалицијата Венко Филипче, Али Ахмети, Димитар За.. Апасиев. Па, и да кажев да кажев Димитар Заев немаше многу да погрешам ако направам една кованица, бидејќи гуруто на оваа коалиција е тој. И тоа е патот кој седум години го гледавме. Пат на криминал, корупција, неиспорака, неработа“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека нема „трета опција“ и додаде: „Втората опција е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тоа е она што го работиме 16 месеци и ако граѓаните се задоволни, ги повикувам на 19 октомври да го дадат својот глас“.
Мицкоски практично ги помножи со нула 69-те независни иницијативи за градоначалници на општините и градоначалник на Град Скопје и речиси исто толку за советници.