Филипче во Франција за да бара поддршка за националните позиции на Македонија

Македонија мора да продолжи по европскиот пат, активно, со резултати и визија, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, во рамки на работната посета на Париз, Франција.Филипче посочи дека целта на посетата е да ги промовира и брани националниот интерес и позициите на Македонија и дека СДСМ веќе работи на проактивен пристап, а тоа значи конкретни решенија и иницијативи за деблокирање на процесот.
“Во финална фаза е подготовката на резолуцијата, која ќе биде вин-вин решение за државата и граѓаните. Со оваа резолуција ќе понудиме национален механизам за справување со евентуални непринципиелни барања од Бугарија во текот на преговорите ако тие на било кој начин излегуваат од Преговарачката рамка”, рече Филипче.
Тој додаде дека македонскиот јазик, културата и идентитетот, како темелни вредности веќе се заштитени во повеќе европски документи и со самата рамка.
“Со носење на резолуција со национален консензус ќе ги потврдиме овие позиции но и ќе изградиме заеднички став како да ги заштитиме и во домашните институции. Со овој документ ќе обезбедиме јасна временска рамка за следните чекори и реформите како конечно одблокирање на европскиот пат”, изјави Филипче.
Претседателот Филипче додаде дека сега е време за политичка зрелост и заедничка одговорност за напредокот на државата.
“Ова е време за политичка зрелост и заедничка одговорност. СДСМ е подготвен да поведе со проактивен пристап и со решенија што ќе ја придвижат Македонија напред, кон Европската унија.Македонија мора да продолжи по европскиот пат кој гарантира развој, стабилност и сигурна иднина на македонските граѓани”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
За време на посетата Филипче оствари работни средби со француските политички претставници од Генералниот секретаријат за европски прашања, Министерството за Европа и надворешни работи и од француското Собрание.