Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ја сака Македонија заглавена во ЕУ за да си прават профити


Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги отфрли обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ за наводна промена на ставот околу францускиот предлог, нарекувајќи ги уште еден обид за спин од партијата која не сака да го продолжи европскиот пат на земјата. Според Филипче  однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ е мотивирано од желбата да ја задржат државата заглавена за да можат да ја менаџираат во рамки на интересите на својата мала група челници на партијата и нивни фирми.

Коментирајќи го обвинувањето дека СДСМ ја предлага резолуцијата за заштита од францускиот предлог само за да остане на власт, Филипче истакна дека предлог-резолуцијата ги содржи сите претходни документи и јасно ги утврдува црвените линии.

„Јасен е нашиот предлог. Во нашата предлог-резолуција се содржани сите претходни документи и резолуции вклучувајќи го и францускиот предлог, во кој јасно кажуваме како се заштитени сите идентитетски одредници. Ги повикуваме сите политички партии да ја поднесеме таа резолуција заедно за конечно да обезбедиме и една форма на национален консензус“, рече Филипче додавајќи дека јазикот, идентитетот, културата и историјата се прашања за кои не се преговара.

Филипче го оцени како неосновано обвинувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека се обидува да најде спас кај обвинителството и судството. Тој ја префрли одговорноста за застојот во реформите директно на актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

„Година и пол се на власт и тие не сработија ништо, ништо не направија од реформите кои се напишани на заедничкиот документ што се вика реформска агенда заедно со ЕУ“, изјави лидерот на СДСМ при неговата денешна посета на Општина Аеродром.

Според него, одговорноста за неспроведување на реформите во правосудството е кај премиерот и неговиот тим, а целта на ВМРО-ДПМНЕ е да го контролира судството.

„Сè што сакаат е да го контролираат судството, да зачуваат свои роднини, пријатели, сопружници на градоначалници, на коалициски партнери, сè со цел да имаат свои луѓе и да може да влијаат на судски процеси. Ништо повеќе не сакаат од тоа. За жал, повторно партизирана држава како во нивниот претходен мандат до 2017 година“, кажа Филипче.

На прашањето за оценката на Мицкоски дека граѓаните бираат меѓу опцијата на ВМРО-ДПМНЕ и опцијата на СДСМ, ДУИ и Левица, Филипче повтори дека има две спротивставени политички опции.

„Едната е прогресивната, проевропска и искрена опција на СДСМ, за работа во корист на граѓаните. Другата опција е на ВМРО-ДПМНЕ за партизација на институциите, за поставување партиски кадри, каде што на младите им кажува доволно е да имате членска книшка на ВМРО-ДПМНЕ, притоа може да имате лажни дипломи за факултет и за странски јазик“, додаде Филипче.

Тој ги отфрли обвинувањата за коалиција со ДУИ и Левица, тврдејќи дека токму ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период соработувало со нив во парламентот и на локално ниво.

„Како нè обвинуваат nas кога јасно кажуваме дека немаме никаква коалиција ниту со ДУИ ниту со Левица. Колку пати им поминаа закони за кои беше потребно двотретинско мнозинство. Слушнавме од челници во ДУИ дека имало иницијативи за средби и соработка пред изборите, тоа го кажа Бујар Османи. И на ниво на градот, кога на советниците на ВМРО-ДПМНЕ тоа им беше потребно, коалицираа со Левица за да го блокираат градот повторно. Тие лаги не поминуваат повторно“, рече Филипче.

Прашан дали очекува промена во коалициите во централната власт, Филипче рече дека сè е можно кога ВМРО-ДПМНЕ е во прашање.

„Мислам дека за нивниот тесен партиски и личен интерес се спремни сè да направат“, одговори Филипче.

И во одговорот околу обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека е во коалиција со Стевче Јакимовски, Филипче рече дека тоа е „уште еден доказ дека премиерот и владата немаат што да кажат, па се занимаваат со опозицијата“.

„Немаат со кој проект да се пофалат, немаат нешто остварено. Кога тоа го немаат, се занимаваат со опозицијата, со некакви спинови, со подгревање на меѓунационални тензии, и тоа е таа приказна што им помина лани. Го подгреваа национализмот заедно со ДУИ затоа што немаа што да кажат. Жалам што после година и пол власт сè е исто“, кажа Филипче.

Критики за црвените линии во резолуцијата на СДСМ денеска на прес-конференција  изнесе пратеникот и член на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски. 

Првата констатација, рече Милошоски, е дека Филипче ги менува својата политика и позиции во зависност од потребите на, како што кажа, својот финансиски и политички ментор, поранешниот лидер на СДСМ и експремиер, Зоран Заев.Образложувајќи го ставот на својата партија, Милошоски се наврати на прес-конференција на лидерот на СДСМ одржана на 1 октомври 2024 г, во која, како што рече, лидерот на СДСМ вели дека францускиот предлог е победа и голем успех на нашата дипломатија. Според него, станува збор голем парадокс бидејќи, како што наведе, денес една година по оваа изјава, Филипче вели дека се потребни црвени линии и резолуција за заштита „од оваа негова во наводници прогласена дипломатска победа“.

„Дали Венко Филипче лажеше во 2024 година кога кажа дека дипломатијата победила со прифаќањето на францускиот предлог или лаже денес кога нуди предлог резолуција со црвени линии за заштита од истиот француски предлог којшто е целосно во корист на источниот сосед“, праша Милошоски.