Филипче тврди дека разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се топи


Фото: Б. Грданоски

 

СДСМ не само што не е мртва партија, туку разликата со ВМРО-ДПМНЕ континуирано се намалува, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Во однос на изјавите на поранешниот претседател Стево Пендаровски, Филипче потенцираше дека тие се извадени од контекст и злоупотребени во функција на координирана кампања против СДСМ.

„Кога ќе се погледне целата изјава, јасно е дека станува збор за поддршка на процесите што ги водиме во партијата. Но, во изминатите денови сведочиме на засилена црна кампања од провладини медиуми и агитатори, кои намерно креираат лажна слика за наводни поделби и слабости во СДСМ“, истакна Филипче.

Тој постави прашање: ако СДСМ е „мртва партија“, зошто 90 отсто од нападите на провладините медиуми се насочени токму кон СДСМ и лично кон него?

„Ја напаѓаат партијата и се занимаваат само со СДСМ, а кажуваат дека е мртва партија. Па како е мртва партија, зошто деведесет проценти од црната кампања, од провладините медиуми, е против нас? Зошто е против мене лично? Дискредитации, навреди, несоодветни зборови и така натаму. И јас ќе ви кажам што е причината.  Не само што не е мртва партијата, туку главната причина е што на анкетата којашто ВМРО-ДПМНЕ ја преплати 400 илјади евра на една агенција провладина, разликата помеѓу нас и нив, а таа анкета не ја покажуваат, за разлика од периодот после изборите 2024 до изборите 2025 кога разликата беше 1:3 сега е падната на 1:2,5 и тие се во паника“, рече Филипче. 

Тој рече дека дека причината за нервозата на власта е и фактот што СДСМ секојдневно објавува случаи на корупција, сомнителни тендери и злоупотреби на државни ресурси.

Премиерот Мицкоски денеска изјави дека имало добра вест, а тоа е дека „после следните избори СДСМ ќе биде сведен на нивото под маргина и ќе биде маргинална политичка партија“.