Филипче: Тоа што го бара од нас ЕУ не се услови само на Бугарија

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија најавува дека до крајот на неделата ќе биде готова работна верзија на декларацијата за национален консензус за европската интеграција.
„Кога станува збор за националните и за врвните државни интереси и стратешката цел на нашата земја, тоа е ЕУ, тука ниту јас лично ниту СДСМ не сметаме дека тоа треба да е предмет на препукување во дневната политика. Не калкулираме, нема итроштини, не правиме никакви трикови. Доколку ВМРО–ДПМНЕ и премиерот имаат ваков сериозен пристап кон темата, а не гледам причина да немаат, тогаш сметам дека ќе најдеме решение“, изјави на денешната прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче.
„Документот се изработува, до крајот на неделата, верувам дека ќе имаме една работна верзија, ќе го прикажеме на многу чинители – на сите политички партии, на нашите стратешки партнери, на јавноста, на новинарите, нека даде мислење и експертската јавност, поради тоа што сметам дека со иднината на граѓаните не треба да калкулираме“.
Тој потсети дека условите што доаѓаат од Брисел не се само на Бугарија, туку и на ЕУ.
„Тоа што од нас го бара ЕУ, не го бара само Бугарија, тоа е документ на ЕУ, на Брисел, практично е нешто што е резултат на бројни преговори на еден долготраен процес. Јас ја разбирам грижата на граѓаните, а тоа меѓу другото тие на некој начин и го изразија за време на минатогодишните избори кога во тој контекст така гласаа кога станува збор за СДСМ наспроти ВМРО–ДПМНЕ и сметам дека таа грижа не треба да ја оставиме на страна. Но, исто така сметам дека во ниту еден документ не се загрозени ниту националните интереси, ниту е направено некакво предавство. Меѓутоа, исто така сметам дека мора сите политички чинители да седнат заедно на маса и да одредиме што е тоа што јасно и гласно, еве во еден документ можеби цитиран од претходни документи, договори потпишани, резолуции, да го формализираме за да знаеме како ќе проодолжиме напред и да ги информираме граѓаните за тоа“, објасни Филипче.
Филипче исто така предложи да се побара и поддршка од ЕУ во некои клучни делови од процесот:
„Да побараме помош, можеби, во тој документ, од Европската унија, од Европската заедница, во делот на историската комисија, некои нивни експерти, нивно искуство. Како што реков вчера, најлошото е да не се прави ништо“, рече лидерот на СДСМ.
Во врска со предлогот на Филипче за заедничка резолуција за ЕУ премиерот Христијан Мицкоски веќе порача дека можеби се работи за итроштина, а не вистинско отворање на темата.
„Ќе потсетам дека тие истите веќе имаа една таква декларација во Собранието, да не ги прифаќаат ултиматумите од Софија. Тие, за жал, прифатија сè…Тоа што на граѓаните и на Македонија и треба е јасна политика, јасна визија, една борба, борба со аргументи, стекнување пријатели, објаснување на нашите аргументи. Нашата позиција како влада ја знаете, не треба да ја повторувам, така што тој тип на итроштини ќе ги оставиме во минатото коешто е поразено“, рече Мицкоски.