Филипче: Св. Кирил и Методиј не се само симбол на писменоста, туку и темел на нашиот идентитет, јазик и култура

Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче упати честитка по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во која истакнува дека тие не се само симбол на духовноста и писменоста кај словенските народи, туку и темел на нашиот македонски идентитет, јазик и култура.
– Нивното дело е вкоренето во националната и културната историја на нашата држава. Нивната мисија не била само образовна, туку била и визија за еднаквост, за почитување на различноста и за напредок преку образование и знаење. Создавајќи ја првата азбука – глаголицата, продолжена од нивните следбеници, меѓу кои и Свети Климент Охридски, била создадена кирилицата, која е основата за стандардизација на македонскиот јазик и писмо. Ние, и сите идни генерации, имаме обврска да го почитуваме и негуваме наследството кое Светите Кирил и Методиј ни го оставија. И горди сме што покажавме дека се грижиме за нашето културно наследство, за нашиот македонски јазик. Во периодот на владите на СДСМ беа донесени храбри и државнички одлуки, благодарение на кои денес македонскиот јазик е признат и рамноправен во Обединетите Нации и во Европската Унија, вели Филипче во честитката.