Филипче: Со слоганот „Твој човек“ ВМРО-ДПМНЕ ви кажува „ќе ви завршиме работа“

По сите критики што си ги упатија за два дена околу политиките, францускиот предлог, судството и економската состојба, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ вчера се критикуваа и околу слоганите. На граѓанската трибината во Македонски Брод лидерот на СДСМ, Венко Филипче, порача дека слоганот и кампањата на ВМРО-ДПМНЕ, всушност го покажуваат нивното вистинско лице и намери – целосна партизација на државата.
„Јас се чудам и на нивниот слоган „Твој човек“. Но кога ќе размислам, ова е најискрената кампања што ја имале досега. Тоа е кампања дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде „твојот човек“ кој ќе ти заврши работа. Кампања и ветување за уништување на општеството преку партизација,“ изјави Филипче.
Тој предупреди дека ова е суштината на политиката на ВМРО-ДПМНЕ – систем во кој институциите работат само за партиски послушници, а граѓаните се третираат како заложници на нивната моќ.
„Ова што го гледаме дека го прават една година, си го ставиле во слоган. Чиста работа – тоа се „реформите“ на ВМРО-ДПМНЕ. Ова е нивната понуда за граѓаните: дајте гласајте за нас, оти без нас не сте никој и ништо. Ете тоа, во превод, е слоганот“, рече Филипче.
На трибината, Филипче ја нагласи суштинската разлика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Многу луѓе велат дека сме биле исти сите партии. Но, има суштинска разлика меѓу нас и нив. А тоа е дека, со сите маани што несомнено ги имаме, ние сме искрени во она што го работиме. Искрено се бориме за стандардот, не пласираме лажни ПР-кошнички додека цените дивеат. Ние искрено се боревме со секоја криза, не лажевме дека воздухот не е загаден. Не лажевме дека нема криза во економијата, туку делувавме со мерки. Не измислувавме „хибридни напади“ кога ни гореа пожари, туку ефективно делувавме“, рече Филипче.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски претходно од трибина се потсмеваше со слоганот на СДСМ „ Се бориме за нашиот дом“.
„Го слушам пред некој ден Филипче како кажува дека СДСМ се борат за нивниот дом. Ако за домови мислат на хациендите, на јахтите на кои поминуваат недели, на апартманите во Дубаи каде што престојуваат и се веселат со турбо-фолк пејач(к)и, тогаш е јасен нивниот слоган. Се борат за ова – тогаш од нивната борба народот нема аир, туку зијан. Па, уште Филипче вика, слоганот им го прифатило членството со екстаза, а веќе следниот ден нивниот кандидат за една од општините го менува – како да се срами од својата партија. Ете, до тоа дереџе дојде државотворната партија СДСМ – нејзините кандидати да се оградуваат, што јавно, што преку менување на изборните пораки, од ставовите на нејзиниот лидер“, рече Мицкоски.