Филипче прашува: Каде се парите од милијардата од Унгарија?

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за „360 степени“ предупреди на сериозен пад на економските показатели и целосно погрешни политики на власта.
-Кога граѓаните не можат да врзат крај со крај поради тоа што власта води лоши економски политики, кога цените не се под контрола, кога има пад на странските инвестиции, тогаш тоа е јасен доказ дека економијата тоне. Минатата година, како резултат на нашите политики, странските инвестиции во првите шест месеци изнесуваа 600 милиони евра. Годинава, под оваа влада, таа бројка падна на само 200 милиони. Што може да очекуваме? Само дополнителен пад, намалување на извозот, посебно со Германија, и стагнација на индустриското производство,“ изјави Филипче.
Во однос на унгарскиот кредит, тој беше дециден:
„Едноставно, никој не знае каде се една милијарда евра. Од најавени 350 милиони евра за општините, реализирани се помалку од 10 проценти. Па, каде се парите? Нашите информации се дека тие се веќе потрошени, а компаниите кои аплицираат сведочат дека средства нема,“ нагласи Филипче.
Тој потсети дека Владата дури ги сменила процедурите за Македонската банка за развој, која за прв пат зема пари директно од буџетот наместо од меѓународни финансиски институции.
„Зошто граѓаните да враќаат милијарди евра кредити за нешто што не носи капитален развој? Капитален објект е оној што носи додадена вредност и раст. Бехатон плочки во Штип тоа нема да го направат, ова се погубни економски политики на власта, политики кои ја задолжуваат државата, ја кочат економијата и ја загрозуваат иднината на граѓаните” потенцираше председателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче исто така посочи дека ВМРО-ДПМНЕ се директно одговорни за системското блокирање на функционирањето на Градот Скопје и за загадувањето на воздухот. Тој посочи дека Мицкоски и неговата партија не може да се амнестираат од градоначалничката Данела Арсовска, бидејќи токму тие ја промовираа како најдобра менџерка и ја донесоа на чело на Град Скопје.
„Скопјани знаат кој е крив за хаосот, освен градоначалничката, и ВМРО ДПМНЕ, коишто внимавајте, ги имаат сите управни одбори на сите градски претпријатија, на пример Јавното сообраќајно комунално претпријатија. Тоа се членови на ВМРО ДПМНЕ. Зарем некој ги заборави и сликите кога ја промовираа пред Белата палата, пред 4 години, како вчера да беше. Па видете што се случи во овие четири години, заради нивната кавга, која како што во јавност излезе е за одредени дилови“, рече Филипче.
Тој потсети дека советниците на ВМРО-ДПМНЕ дури 26 пати гласаа против набавка на нови автобуси за ЈСП, што според него е доказ за нивната свесна намера да го блокираат развојот на градот за партиски поени.
„Да ги потсетам Скопјани дека 26 пати, не еднаш, 2 пати, 5, 10 пати – туку 26 пати, советниците на ВМРО ДПМНЕ, гласаа против набавка на автобуси во Советот на Град Скопје. Па како може да ја тргнат од нив одговорноста? “, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче потести и на пожарот во Трубарево, нагласувајќи дека ВМРО ДПМНЕ е подготвена да си ги отруе граѓаните за сопствените рејтинзи.
„Министерот за здравство лажеше дека е чист воздухот, министерот за внатрешни работи не направи соодветна евакуација на Скопјани, макар во тој дел кој што живеат, предупредивме каква анализа треба да се направи на воздухот“, рече Филипче.
Тој додаде дека СДСМ постојано по пожарот во Трубарево предупредуваше каков тип на анализи треба да се направат на почвата, воздухот и водата, но власта задоцни.
„Па кога стигнаа резултатите, излезе дека воздухот биле сериозно загаден. Кој ќе превеземе одговорноста за труењето на Скопјани во тие денови кога страшно цел град мирисаше поради пожарот? Мислите дека таа одговорност може лесно да се симне со некаква ПР пропаганда? Не, Скопјани многу добро знаат кој го води градот, кој ги води институциите“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.