Филипче: Прашање на време е кога ќе се распадне владината коалиција

Владината коалиција е осудена на неуспех и прашање на време е кога ќе се распадне, вели лидерот на СДСМ, Венко Филипче во пресрет на локалните избори наесен, по напуштањето на коалицијата Вреди на министерот за здравство, Арбен Таравари. Таравари и понатаму останува дел од Владата, но неговите следни чекори со внимание ги следат и од власта и од опозицијата.
Според Филипче, тоа што се случува во владејачката коалиција укажува дека единственa работа што ги води партиите се нивните теснопартиски и финансиски интереси.
„Таква коалиција којашто не се темели на никакви вредности и нема никаква идеја и визија како да ја води државата напред е осудена само на неуспех. Прашање на време е кога целата коалиција ќе се распадне. Очигледно ништо суштински не ги врзува партиите во таа коалиција“, изјави Филипче, коментирајќи ги односите во владеачката коалиција и евентуалната соработка со Таравари на локалните избори.
Како ќе се одвиваат работите, Филипче вели дека тоа не е нивна работа. СДСМ се подготвува за претстојните локални избори и нивните врати и канали за комуникација се отворени.
„Бараме партнери, ја потврдивме нашата коалиција со 14 партнери, веќе заеднички почнавме да ги креираме листите за сите општини, а во однос на други партнери почнува процесот на разговори“, вели лидерот на СДСМ.
Во однос на соработката со Таравари, се чека каков потег тој ќе повлече во наредниот период.
„Ќе видиме како ќе се движат работите понатаму. Не знаеме дали Таравари ќе прави некакви коалиции или не. Да почекаме и да видиме“, вели Филипче.