Филипче: Мицкоски во Брисел расправа за глобалните проблеми наместо за Македонија


 

Премиерот Христијан Мицкоски се зафатил во Брисел да зборува за глобалните предвидувања, се занимава со војната во Иран, во Украина, со економската перспектива на Европа, наместо да зборува за реформите во Македонија и саглавениот европски пат. Тоа денеска го изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција зборувајќи за политиката на владата.

„Тој не зборува за нашето пристапување, за пристапувањето на Македонија во Европска унија затоа што тоа не го интересира. Да не беше смешно, ќе беше тажно. И уште потажниот дел за сите граѓани на Македонија, тој разговара за проширувањето и за реализирани реформи, како да станал еврокомесар за проширување. Наместо да зборува за пристапувањето на Македонија во Европската унија“, рече Филипче, оценувајќи го престојот на Мицкоски на собирот по повод 50-годишнината на Европската народна партија.

Тој нагласи дека владата наместо да ги исполни реформите и уставните измени, тие создаваат намерни конфликти и шират некакви лаги за бугарска заговор.

„И тоа е еден веќе виден стар, добар рецепт за да се задржи власта, а притоа жртвувајќи ја иднината на државата и на граѓаните. Зборува за спроведени реформи, се поставува прашањето за кои реформи кога ниту еден закон од областа на правосудството минатата година од реформската агенда не беше донесен. Само еден во кој што се направени измени кои се спротивни на препораките на Оценската мисија. Дали ќе зборува за тој закон, донесен спротивно на препораките на Европската унија. Да преведам, ако некој не разбрал премиерот работи на изолација на државата“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција упати директно прашање до премиерот Мицкоски за тоа кој ќе понесе одговорност ако  државата остане надвор од Европската Унија. Филипче посочи  дека граѓаните јасно ја изразуваат својата европска определба, додека власта со своите политики го кочи евроинтегративниот процес.

Тој додаде дека власта не ја спроведува реформската агенда и наместо да ги исполни обврските за напредок кон ЕУ, власта свесно создава поделби и тензии за да го задржи политичкиот рејтинг.

Филипче најави дека СДСМ денеска ги поднесува предлог-законски решенија со кои ќе се намалат цените на горивата и на хрната и ќе се олеснат трошоците за граѓаните.

„Апелираме, ќе ги поднесеме денеска во текот на денот нашите предлог-закони за да се намали акцизата на горивата, ДДВ-то на основите прехранбени производи и да се преполоват патарините. Апелираме на оваа ненародна корумпирана власт овие закони да ги прифати за да им се излезе во пресрет на потребите, реалните потреби на граѓаните“, нагласи тој.

Одговорајќи на новинарско прашање Филипче рече дека таканаречената „платформа“ или „иницијатива“  која се појави во јавноста има политичка заднина и е насочена кон слабеење на СДСМ, а според содржината се упатува на тоа дека е пишувана во белата палата на ВМРО.

„Вчера излезе некоја изјава дека има некаква платформа од некои луѓе коишто не сакаат ниту да се потпишат. Кажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ била најголема партија, дека опозицијата била раситнета. Тоа пишувано во белата палата на ВМРО-ДПМНЕ и е дадено на некои луѓе тоа да се презентира како некаква платформа“, рече Филипче.

Филипче додаде дека СДСМ останува отворен за конструктивни идеи, но нема да дозволи деструктивни влијанија кои имаат за цел да ја ослабнат опозицијата.

„Kаква одговорност презема власта доколку следната година на пример на изборите во Франција победи десничарската партија за која проширувањето не е приоритет. Kој ќе ја преземе одговорноста ако вратата во Европа за нас се затвори? Кој ќе ја презеде одговорноста ако Албанија стане земја членка пред нас како што стојат работите и ни наметнат нови барања“, рече Филипче.