Мицкоски измислува дестабилизации бидејќи е неуспешен, вели Филипче
Според лидерот на СДСМ, додека Мицкоски е премиер „непријателите мирно спијат“

„Премиерот подолг период наназад тврди дека јас, заедно со други, подготвувам некакви сценарија за дестабилизација и хаос. Тоа апсолутно не е вистина. До сега, ако навистина имало такви намери, ќе се случеше некаква дестабилизација, со оглед на тоа што премиерот постојано не обвинува за тоа“, рече денеска Венко Филипче, претседателот на СДСМ, одговарајќи на новинарско прашање во седиштето на партијата.
Филипче тврдењата на премиерот ги оценува како неуспех од водењето на сопствените политики и немањето капацитет да се води државата.
„Причината е јасна, едноставно, тој нема со што да се пофали. Нема ниту еден успех кој може да го презентира, нема никаква добра политика. Сите гледаме што се случува во економијата – постои криза во буквално секој сектор. Евроинтегративниот процес е целосно заглавен, земјата назадува во поделби и меѓунационални тензии, што е исклучиво резултат на политиката што ја води оваа влада. Нема напредок ниту во образованието, ниту во земјоделството. Сите добри мерки и политики практично престанаа. Премиерот нема што друго да направи, освен да се обидува да создава впечаток дека постојат сценарија за дестабилизација“, изјави Филипче.
Притоа тој повтори дека ниту постои сценарио за дестабилизација, ниту размислуваат да постои. Потенцирајќи дека фокусот на партијата е насочена на борба со сите демократски механизми и инструменти против оваа ненародна и антидржавна власт.
Претходно Филипче ги отфрли обвинувањата дека поседува недвижнини и луксузни добра во странство, нарекувајќи ги „конструкции и лажни вести пласирани од ВМРО-ДПМНЕ“.
„Прво ме обвинуваа дека сум имал куќа во Нерези, па еден ваш колега снимаше – тоа не е вистина. Па дека имам поклон џип – исто така не е вистина. Па дека имам зграда во Дубаи и авиокомпанија – исто така не е вистина. Па дека имам јахта сега – што исто така не е вистина,“ изјави Филипче.
Тој оцени дека станува збор за систем на политички ПР кој ВМРО-ДПМНЕ го гради преку свои медиуми и кампањи на социјалните мрежи.
„Тоа не е само политички, туку општествен феномен – обид да се спушти комуникацијата под елементарно цивилизациско ниво, во калта. Јас тоа нема да го дозволам,“ рече Филипче, додавајќи дека иницијаторите на овие приказни се „кукавици, и политички и во секој друг поглед“.
„Обично мантрата е – ‘ти си лопов, криминалец’. Но тоа не ме обесхрабрува, туку ме охрабрува да продолжам да се борам за државата,“ порача тој.
На новинарско прашање околу јахтата за која беше прозван, Филипче кратко одговори: „Добро, ви одговорив на прашањето“.
Тој додаде и политичка порака кон опозицијата: „Додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, противниците на Македонија мирно спијат. Тоа нема да го дозволиме, ќе ја вратиме државата на вистинскиот пат“.
Филипче нагласи и дека поранешниот премиер Зоран Заев веќе не е активен во политиката. „Моите одлуки ги градиме заедно со раководството и тие се автентични одлуки на новото политичко раководство на СДСМ,“ истакна тој.
Тој упати критики до Мицкоски и неговите насоки за како да работат градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Резултатите од тоа, вели Филипче, се катастрофално управување со општините од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Спротивно на ова, нагласи Филипче, СДСМ нуди чесни кандидати за градоначалници кои се почитувани во заедницата.
„Јас го слушам премиерот како дава насоки како да работеле градоначалниците и сметам дека тоа е многу погрешно. Сметам дека тоа доведе Скопје да стане страшно валкан и едноставно неубав град за живеење со нивната градоначалничка, Данела Арсовска, од која понатаму во текот на мандатот се обидоа да се дистанцираат, но јасно е дека не им успеаја диловите, па затоа и се скараа. Јас давам гаранција дека сите градоначалници на СДСМ ќе работат чесно и одговорно, со целосна поддршка и гаранција од мене и од партијата“, изјави Филипче.
Тој истакна дека СДСМ на претстојните локални избори настапува со постојната коалиција, со најдобрите кандидати кои уживаат кредибилитет во своите средини. Тие се подготвени да излезат пред граѓаните со реални и остварливи програми, големи развојни планови за крупните општини и микро-планови за решавање на секојдневните проблеми во помалите средини.
Во однос на вториот изборен круг, тој најави разговори и со партии од албанскиот блок.
Филипче најави дека СДСМ ќе води позитивна кампања.
„Ние нема да се спуштиме на тоа ниво. Ќе водиме добра, позитивна кампања. Ќе ги промовираме нашите кандидати и нашите добри политики. Ќе бидеме генерално фокусирани на локалните теми, но ќе се задржиме и на дел од централните теми, бидејќи сметаме дека е важно луѓето да знаат за кого гласаат“, истакна Филипче.
Тој потсети дека сите ветувања на ВМРО-ДПМНЕ од 2024 година останаа неисполнети.
„Ништо од тоа не е реализирано. Требаше да имаме подобри услови за преговори со Европа, но тоа не се случи. Албанија и Црна Гора не претекнаа, додека стандардот во Македонија стагнира. Не смееме да дозволиме повторно да се врати политиката на лажни ветувања“, рече Филипче.