Филипче: Македонија е рането општество, потребна е одговорност, а не политички пресметки
„Никој не смее да биде поштеден – ниту актуелни, ниту поранешни функционери или службеници. Тоа не е прашање на политика, тоа е прашање на вистина и на правда“, рече лидерот на СДСМ

Лидерот на опозицијата, Венко Филипче, денеска упати порака на обединување на македонските граѓани во болката, да има целосна и непристрасна истрага и трагедијата во Кочани да не се користи за политички пресметки. Тој порача дека во овои моменти е потребна човечност и рече дека вчера бил во Клиничкиот центар и ги убедуваше родителите дека за повредените млади луѓе се грижат искусни и добро подготвени лекари.
Еве дел од обраќањето на Венко Филипче:
„Ви се обраќам денеска, со навистина тешко срце во овие моменти на огромна и на длабока тага. Вчера се загубија млади животи, семејства останаа без најблиските без најдрагоценото, без своите деца. Цели генерации останаа со болка којашто никогаш нема да може да се надмине. Ова е трагедија којашто ја потресе целата земја и навистина остава трага која никогаш нема да се избрише. Дозволете ми уште еднаш да упатам најискрено сочувство до семејствата на загинатите.
Во текот на вчерашниот ден бев присутен на клиниката и таму се сретнав со дел од семејствата со еден дел од нив поразговарав, тоа се дел од семејствата коишто имаат свои најблиски на лекување. Разговарав и со колегите, направивме стручни консултации. Ги видов напорите на колегите, видов како и тие сочувствуваат со болката на семејствата.
Сакам да ги уверам семејствата дека тие се одлично згрижени, одлично распределени, лично ги знам сите кои учествуваат во вој процес на лекување, лично ја знам нивната експертиза и сакам да ги уверам семејствата дека нивните најблиски се во добри раце и дека колегите се борат за секој живот.
Сега е потребна поддршка на тие семејства, потребна е поддршка и семејствата на загинатите. Апелирам до министерот Таравари да формира мобилни тимови, Клиниката за психијатрија да биде на располагање на семејствата во Кочани, да се разговара посебно во пресрет на тоа што таму сега ќе следува. Мислам дека таква помош е многу потребна.
Ние сме денеска рането општество, довербата во институциите е срозена. Ако сакаме таа доверба да ја вратиме мора да има целосна, транспарентна и објективна истрага.
Никој не смее да биде поштеден – ниту актуелни, ниту поранешни функционери или службеници. Тоа не е прашање на политика, тоа е прашање на вистина и на правда.
Трагедијата е преголема за да се дозволи сенка на сомнеж, затоа што ако постои и најмала индиција дека некој се штити, тоа ќе биде удар врз целото општество.
Затоа апелирам до истражните органи, обвинителството, редовно да се известува ако треба и два пати во денот, што точно се прави за да се спречат шпекулации. Потребна е одговорност на секого, потребна е одговорност на сите нас како граѓани. Потребно ни е единство, ова не е време за политички пресметки. Треба да покажеме човечност, а јас и ветувам дека нема да дозволам политизирање на целиот овој процес, исто како што нема да дозволиме некој да биде поштеден и како опозиција будно и интензивно ќе следиме овој процес да оди во правилна насока.
Ние сме одговорна и државотворна партија. Излегуваме во пресрет на сите иницијативи кои водат кон идентификување на причините. Истовремено како партија го нудиме целиот наш капацитет човечки и интелектуален да помогнеме во овој процес.
Ова е ситуација во којашто мора да сме сплотени и да покажеме верба во принципите. Секој акт на морална одговорност од наша страна ќе биде поздравен.
Трагедиите можат да уништат една нација, но и да ја зајакнат. Од нас зависи како ќе излеземе од сето ова – како држава што научила лекција и донела правда, или како општество што дозволило ова да се заборави.
Македонскиот народ нема да ја заборави оваа трагедија, а наша одговорност е да осигураме дека ова никогаш повеќе нема да се повтори“.