Филипче: Ја одбиваат Резолуцијата, а до збор ги имаат истите барања во програмата


 

Лидерот на СДСМ Венко Филипче, реагираше на изјавите на ВМРО-ДПМНЕ дека резолуцијата со која СДСМ предложи национално обединување околу европските интеграции била ново предавство.

Тој нагласи дека целта на документот е јасна – дефинирање на заедничките црвени линии и надминување на поделбите во општеството.

„Се што предложивме е Резолуција за која требаше да има национална обединување. Таму се заедничките црвени линии. Ајде да го направиме тоа заедно, во интерес на сите граѓани. Граѓаните сакаат да видат на Македонија како напредува во Европа“, рече Филипче.

Тој потсети дека и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ постојат истите ставови за националниот идентитет, кои СДСМ сега ги нуди како основа за заедничка резолуција.

„Јасно се дефинирани црвените линии. Дополнително на тоа, такви црвени линии има и во програмата на ВМРО ДПМНЕ 1198. Еве што пишува: ‘Македонскиот многувековен идентитет, јазик, посебност, култура, обичај, традиција и херои не смее да бидат дел од било какви политички преговори’. Кажете ми што е разликата? “, потсети тој.

Филипче оцени дека се тоа што прави ВМРО-ДПМНЕ е само еден голем спин. Само алиби  нешто да не се направи и државата да стои во место. Да не се продолжат преговорите, да не се направи мерка во интерес на граѓаните. „Така не се води држава, извинете“, порача на крајот Филипче.

Тој оцени дека ВМРО-ДПМНЕ намерно создава конфликти за да го избегне одговорот на клучното прашање – зошто Македонија стагнира.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак оценија дека Филипче денес имал изјава на која не знаат што да одговорат – освен дека наликува на алиби на човек потонат во непринципиелни дилови и ветувања кон луѓе кои не може да ги одржи.

„Негативна кампања води токму СДСМ. Нашето потсетување на катастрофата на нивното владеење не е негативна кампања, туку сурова реалност која ја живеат сите граѓани. И ако мислат ќе заборавиме, а до пред една година беа на власт и направија масакр од државата со кражби и уништување на институциите и предавства, тогаш се излажале. Да дозволиме да ни глумат невини и нови ликови, со истите трикови како претходно кога ветуваа живот а сега ветуваат среќа, и кога очигледно се лицемерни и не се менуваат и сакаат да го излажат народот повторно, тоа нема да се случи. Нека си ги види Филипче Фејсбук профилите и Тик ток кампањата на негови соработници и луѓе кои ги плаќаат, каде најбрутални лаги и гадости пишуваат и измислуваат, па после нека глуми Мајка Тереза. Разликата меѓу нас и нив е очигледна“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.