Филипче: Државата не е сопственост ниту на партиите, ниту на владата


Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) и лидер на опозицијата, Венко Филипче, во обраќање по повод 34-годишнината од независноста истакна дека 8 Септември 1991 година е еден од најважните датуми во македонската историја, кога граѓаните ја донесоа одлуката за независна држава.

Според Филипче, државата „не е сопственост на партиите ниту е сопственост на владата“, туку им припаѓа на граѓаните, односно таа е нашиот дом. „За нашиот дом мора да се бориме сите“, рече Филипче, додавајќи дека Македонија им припаѓа на сите и на оние што останале, и на оние што заминале, но не заборавиле.

Тој нагласи дека немаме друга држава. И не се брани државата само со знаме и химна туку со фер институции, со праведно судство, и еднакви шанси за сите.

„Затоа што денес, заканата не е од оружје, туку од корупцијата, од неправдата, од
дискриминацијата, од сиромаштијата“, рече Филипче додавајќи дека за жал, изминатата година, работите не одат во добра насока.

„Државата се повеќе станува своина на малкумина, а сè помалку на граѓаните. Државата е под закана од напуштање на деценискиот сон за интеграција, од масовно иселување и економско девастирање“, рече Филипче порачувајќи ѝ на власта дека ова е земја на сите, не само нивна. Потоа тој повика на политичко и државничко освестување.

„Патриотизам е да се бориш за чист воздух, а не да палиш депонии и да не преземаш ништо за тоа“, рече Филипче.

Тој потсети дека СДСМ во изминатите 34 години бил дел од сите клучни државни одлуки: зачувувањето на државата во 1991 и 2001 година, изградбата на институциите, зголемувањето на минималната плата, социјалните мерки, справувањето со пандемијата и влезот во НАТО. „Ова не ни беше подарено. Сè е изборено, со многу мака и отпор“, рече лидерот на СДСМ.

Според него, следна цел на Македонија е членството во Европската Унија бидејќи тоа го бараат граѓаните. „Денес сме на чекор од Европа. Тој чекор мора да го направиме сами, но заедно и обединето. Бидејќи јас верувам дека сите на крајот го сакаме истото, сигурна иднина на оваа држава и на нашите деца“, рече Филипче во честитката.

Тој го заврши обраќањето со зборовите: Честит нека ни е Денот на независноста. Да ни е силна државата. Да ни е чесна борбата.