Филипче добил 18.001 глас за претседател на СДСМ, никој не гласал против


Венко Филише за време на прес-конференцијата во Собранието

Вкупно 18.140 члена гласаа за нов претседател на СДСМ, со единствен пријавен кандидат, актуелниот лидер, Венко Филипче, од запишаните 23.712.  Од нив Филипче добил 18.001 глас, а имало 139 неважечки ливчиња, соопшти Бранко Георгиевски – претседател на Централната изборна комисија од партиското седиште, по што ова беше поздравено со долг аплауз.

„Му честитам претседателот Венко Филипче за четиригодишниот мандат“, рече Георгиевски.

Филипче беше единствен кандидат за функцијата, што ја врши од јуни 2024 година откако си даде оставка Димитар Ковачевски. Од СДСМ соопштија дека тој е избран со висока излезност од 76,5% и масовна поддршка од членовите, при што доби речиси двојно повеќе гласови од првите внатрепартиски избори, кога доби 9.026 гласови.

-Гласањето помина во најдобар ред. До Централната изборна комисија до овој момент немаше никакви забелешки за изборниот ден. Од 23.712 запишани гласачи вкупно гласаа 18.140 членови или 76,5% од активно регистрираните членови. За претседателот Венко Филипче гласот го дадоа 18.001, неважечки ливчиња се 139.  Благодарам на сите членови на СДСМ кои излегоа на гласање а претходно активно се пријавија, благодараност до сите општински организации кои успешно ги спроведоа изборите и блгодарност до медиумите што покажаа интерес за следење на нашите избори.  Честитки за новоизбраниот претседател со 4 годишен мандат, Венко Филипче, рече Георгиевски.
 
СДСМ е единствената политичка партија во земјата што на директни, демократски избори го избира својот претседател. Сепак од ВМРО-ДПМНЕ оценија дека со толку освоени гласови нема кредибилитет да ја води партијата.
 
„За трагедијата да биде уште поголема, регистрирани беа 23 712, а само 18 илјади члена го поддржаа Филипче. Тоа само зборува дека Филипче нема кредибилитет во СДС. Само 18 илјади луѓе сметаат дека Венко треба да ја води СДС. Истиот Венко, кој не одговараше за модуларна болница, за набавката на ковид-вакцини од фантом-фирма ‘Старби’, кој лажно вакцинира член на фамилијата за пи-ар, работеше за богатење на својот ментор Заев кој сега гради згради по Дубаи“, соопштија од владеечката партија.