Филипче: Аферата со АНБ е измислена, ВМРО-ДПМНЕ се плаши од вистината


 

Скандалот што го отвори ВМРО-ДПМНЕ околу наводна злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност е уште една политичка конструкција без покритие, со единствена цел да се дефокусира јавноста и да се креира лажна слика пред избори. Тоа денеска го истакна денеска на прес-конференција претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој повторно ги повика институциите веднаш и целосно да ги декласифицираат документите за случајот.

„Не знам што мислеше ВМРО-ДПМНЕ кога го пушти скандалот – дали мислеа дека ќе се исплашиме? Но ние немаме од што да бегаме. Вистината е една, и ако излезе на виделина, ќе видат граѓаните дека во времето на владеење на СДСМ немало апсолутно никаква злоупотреба на Агенцијата за национална безбедност, ниту некакво незаконско пратење или прислушување“, изјави Филипче.

Филипче укажува дека зад одбивањето на Владата да ги обелодени документите се крие страв – не од злоупотреба, туку од тоа дека ќе се покаже отворено дека аферата е измислена и подметната. „Ако имало прислушување, нека се види кој кого следел, зошто и на чиј налог“, рече Филипче.

Тој предупреди дека со одбивањето да се декласифицираат документите, Владата не само што ја манипулира јавноста, туку директно ја гази улогата на Собранието и го поткопува Уставот. „Жалам што ниту на пратениците не им е даден увид во тие материјали, иако тие имаат соодветни безбедносни сертификати. Со тоа, на некој начин е погазен Уставот“, рече тој.

Според него, прашањето е зошто ВМРО-ДПМНЕ се плаши од вистината и да се замајува јавноста.

Тој ја нарече скандалозна е изјавата на премиерот Мицкоски за загадувањето на воздухот деновиве.

„После 10 дена пожар во Вардариште, неколку дена пожар во Дрисла, граѓаните практично се гушат, скандалозна е изјавата на премиерот дека можеби изгледа загадено, но нема доволна количина на честички, кога луѓето знаат како дишеа синоќа, вчера пред два дена. Таквиот став на власта таквата изјава на премиерот во најмала рака е непочитување на граѓаните“, рече Филипче.

Тој додаде дека сериозно е загрозено здравјето на граѓаните во цело Скопје посебно во населбите околу Дрисла и Вардариште.

„Мајките во Аеродром и околните населби ги прибираа децата дома вклучуваат прочистувачи за воздух а власта не прави ништо. Едно е да грешиш во политиката друго е да немаш капацитет, но да ги игнорираш проблемите како што тоа го прави на секоја тема власта, е нешто што е скандалозно и досега ниту една влада на Македонија не се однесувала вака со проблемите на граѓаните со секојдневните проблеми на граѓаните“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.