Филипче: Аеродром е целосно запуштена и уништена општина поради ВМРО-ДПМНЕ,

Филипче го нарече Орце Ѓорѓиевски послушник на Мицкоски кој ќе работи според желбите на партискиот центар


ВМРО ДПМНЕ покажа дека нема план и капацитет за развој на државата ниту на централно, ниту на локално ниво, изјави претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија,  Венко Филипче, во општина Аеродром. Тој укажа дека е потребно ред, одговорност и работа за граѓаните, но и контрола на власта.

„Потребна е силна контрола на власта и локални тимови што испорачуваат – кандидати со интегритет и конкретни решенија, каква што е Каја Шукова во Скопје и д-р Александар Трајановски кандидат за градоначалник од СДСМ за општина Аеродром“,изјави Филипче.

Во изјавата тој посочи дека Трајановски е човек со интегритет, кој ги знае потребите на граѓаните, а неговата програма нуди решенија кои одговараат на потребите на жителите на Аеродром.

„Александар е единствениот вистински избор, човек со интегритет, чесен, работлив кој секогаш бил на висината на задачата што и да работел. Го познавам лично и знам дека оваа убава но за жал целосно запуштена општина ќе ја претвори во урбан и зелен рај како што заслужува да биде. Во изминатите четири години Аеродром беше целосно уништен од неспособниот Муцунски, а потоа и од наследникот кој не направи ништо. Жално е да се гледа колку е полно со смет, неискосени тревници и целосно уништена урбана опрема. Александар има програма која може да ја исполни и ќе ги реши клучните проблеми“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Тој исто така порача дека премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ го доведоа Скопје до пропаст и го оставија главниот град во државата да тоне во хаос. 

„Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ со својата неспособност и себичност ги оставија скопјани да тонат во ѓубре и хаос. Градот е вратен назад во развојот. Четири години, Мицкоски и неговата партија го блокираат Град Скопје, а денес се обидуваат да се оправдаат“, рече Филипче.
 
Во изјавата тој посочи дека за тоа што денес се случува со Скопје  директно е одговорен Мицкоски, негова вина е што ниту една мерка и проект за главниот град не се реализираа. 
 
„Поради пропаднатата коалиција со Арсовска и политичкиот инает, Скопје остана без клучни одлуки. По налог на Мицкоски, речиси ниедна мерка, проект или набавка во Град Скопје не беше изгласана. Ова го потврдуваа и советниците на СДСМ кои, и како опозиција, конструктивно ги поддржуваа добрите предлози. Вината е кај Мицкоски”, изјави Филипче.
 
И на овие локални избори како што кажа Филипче, Мицкоски го нуди Орце Ѓорѓиевски како негов партиски послушник кој ќе работи според желбите на партискиот центар. 
 
“Скопје е пред ризик од брутална партизација од ВМРО-ДПМНЕ, доколку граѓаните не ја препознаат измамата.Затоа повикувам на масовна поддршка за Каја Шукова – докажан професионалец и работник, независна и со голем интегритет. Таа има јасни, изводливи проекти, особено во хигиената и инфраструктурата, со кои Скопје ќе го врати својот сјај”, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.