„Филип Македонски“ исчезна заради посетата на Дендијас


Фото: Б. Грданоски

Грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Дендијас, ги испофали постигнувањата на Македонија во имплементацијата на Преспанскиот договор, пушти провокација за односите со Турција и си замина од прес-коференцијата – без да дозволи новинарите да му постават прашања. Иако видливо омекнат откако нашата влада реши да инвестира во гасната централа и гасниот терминал во Александрополис, тој практично немаше што да испорача на нашите граѓани освен уверувања дека и во Грција ќе се имплементира нешто од тоа што потпишаа со Преспанскиот договор. 

Ова беше резултатот на четвртата средба на Дендијас со нашиот шеф на дипломатијата Бујар Османи, кој по заминување на гостинот порача дека Грција сепак го исполнила најважното од Преспанскиот договор, т.е. поддршката за членство во НАТО и во ЕУ, а за другите обврски е оптимист дека ќе се имплементираат во наредниот период. 

Дендијас, имено, соопшти дека е сменето името на Археолошкиот музеј со додавката „на Северна Македонија“, дека е сменето и името на улицата каде што е зградата на МНР, која сега се вика „Стив Наумов“, а таблата со името „Филип Македонски“ е симната, но треба да се чекаат избори за да се стави новата. Тој ја пофали исто така Владата дека покажала голема способност за прилагодување и дека тоа особено се  видело во скорешната изјава со која сме ги осудиле нелегалните турски интереси во Медитеранот, или како што објасни Османи – сме се приклониле на таквата позиција на ЕУ во однос на спорот на Анкара и Атина. Околу таблата со името „Филип Македонски“ тој рече дека нашите претци немале можност во тоа време да престојуваат на овој простор и да војуваат за него, така што е благодарен што сме го смениле името на улицата. 

„Преспанскиот договор не е бирократска рамка и од него треба да се имплементира секое писмо, секоја буква“, рече Дендијас, па нѐ пофали што ја напуштаме идејата  за 19. век на Балканот и одиме кон 21. век, одбивајќи ги сфаќањата кои нѐ носат кон империите на минатото.

„Се насочивте кон најдобриот можен пат – правото, човековите права, слободата на вероисповед и членството во ЕУ. Ви советуваме да продолжите со овој избор“, советуваше Дендијас, додавајќи дека тоа е најдобар избор за нашиот народ и дека Грција ќе соработува со нас да ги оствариме заедничките цели. Тој исто така соопшти дека со Македонија (додека ги бришеме античките белези) соработуваат за заштита на византиските споменици и така ја засилуваат соработката околу културното наследство. На крајот кажа дека Грција ја поддржува евроинтеграцијата на Македонија и на регионот две децении и дека ќе продолжи да работи на тоа, сега и со словенечкото претседателство, за што побргу да се одржи меѓувладината конференција со ЕУ. 

Наспроти тоа македонските новинари ги интересираше зошто Грција не ги исполнува своите обврски од Преспанскиот договор и дали на тој начин, тивко и со неимплементирање, оди кон негово поништување. Иако Османи уверуваше дека Преспанскиот договор е основа на билатералните односи меѓу двете земји и дека никој тука нема да дозволи да не биде имплементиран, тој имаше разбирање за, како што ги нарече, „техничките проблеми“ со кои во тој процес се соочува владата во Грција. Станува збор за нератификација на потпишаните меморандуми во парламентот на Грција, за неприменување на новото име на сообраќајните табли на автопатиштата наводно поради отпор на локалните власти, за застојот околу двата нови гранични премини кај Кавадарци и Маркова нога, иако тие треба да ги засилат контактите на граѓаните од двете граници, и слично. 

Она што се остваува, според двата министри, е трговската соработка која, откако се сретнале првпат, бележи раст од 20 отсто и достигнала ниво од 800.000 евра, со што Грција се искачила едно место погоре на листата на трговски партнери на земјата.

Дендијас не дочека ни прашање за блокадата на Бугарија за преговорите со Македонија, но министерот Османи порача дека Грција има конзистентна и принципиелна поддршка за почетокот на преговорите на ЕУ со нашата земја. Тој не беше толку загрижен за немањето влада во Софија која може да донесе политичка одлука за Македонија, колку од разочараноста околу овој процес во Македонија, која почнала да се одразува и на ентузијазмот на јавната администрација.

„Ние во ниту еден момент не треба да ја намалуваме динамиката на подготовките за преговори со ЕУ. Не смее динамиката на настаните да нѐ најде неподготвени. Разочарувањето се одразува и на администрацијата, но ќе дојде момент кога ќе се деблокира процесот“, рече Османи. Тој сметаше делка блокадата на проширувањето  не е веќе прашање за нас туку за ЕУ и таа треба да одговори што ќе прави со процесот и што ќе прави со регионот.

„Јас го знам одговорот. Сега 26 земји членки се разочарани од оваа блокада“, рече Османи оценувајќи дека топката сега е во Брисел и во Софија. (С.Ј.)