Филхармонијата има обврска да биде инспирација: Интервју со директорката Тина Иванова

Мора да се вложува и во музичари и во инструменти. За големи музички дела составот на Филхармонијата од 90 музичари е недоволен, вели Иванова


Речиси секоја недела имаме различни солисти и диригенти кои доаѓаат од европските и светските сцени, вели Тина Иванова (Фото: М. Аргакиева)

 

„Имаме магија која ниту се продава, ниту се купува“, вели директорката на Македонската филхармонија, Тина Иванова. Во интервју за „Независен“ таа нагласува дека задача на Филхармонијата е да биде двигател на музичката уметност во Македонија, да едуцира и да задоволува уметнички потреби. Извонредната концертна сала овозможува да се остварат тие задачи. Но, за уште поголеми дострели се потребни дополнителни пари, особено за купување на многу поквалитетни инструменти од кои многу зависи звукот на оркестарот, но и за ангажирање дополнителни музичари.

Иванова зборува и за акустиката на салата, заголемата соработка со гости од странство, како диригенти, така и солисти, за комплицираниот проект да се набават оргули, за конципирањето на репертоарот, а и за тоа зошто Филхармонијата стана главно место за културата во Скопје. И како двете многу скапи концертни пијана „Стенвеј“ ги чуваат како зеница во окото.

 

Неколку години наназад Филхармонијата на некој начин се претвори во главно место на културата во Скопје, а и Македонија. Таму се одржуваат не само концерти, туку и други општесвени настани. Дали до тоа дојде поради извонредноста на просторот, дали поради „доброто домаќинство“ на институцијата или има и нешто друго?

Среќни сме што е тоа така, се трудиме, навистина се трудиме и посветено работиме оваа институција да биде место за убави и квалитетни настани. Се разбира дека просторот е впечатлив и привлекува да се дојде, да се види, да се биде понекогаш „ин“, но со амбиентот добивате и нешто многу позначајно, нешто прекрасно каква што е уметноста, конкретно уметничкото во музиката. Симфониската музика е највозвишената форма на изведба, а кога во тоа ќе се вградат и врвни солисти и диригенти, голем симфониски оркестар, често и хор, визуелни уметнички креации, понекогаш актерска игра, па и модерни ансамбли, имаме магија која ниту се продава, ниту се купува.

Конкретно за салата – па, во моментов нема друга таква концертна сала што е причина плус да се биде во Филхармонијата и по други квалитетни музички поводи. Нашата редовна програма ја конципираме со настојувања за баланс помеѓу вечните класични дела и оние кои се создавале во 20. еклектичен музички век, па до оние кои денес ги создаваат активните и веќе афирмирани композитори. Настојувањето е – презентација на поширок избор пред љубителите на музиката и на нејзиното естетско видување. Со лепеза од квалитетна музика, со програмски новитети кои кореспондираат со уметноста, практично избегнуваме едноличност, монотоност, па, ако сакате, и пасивна и некреативна публика.

Наша креативна обврска е да бидеме инспирација. Да бидеме двигатели на музичката уметност во Македонија, да едуцираме и да задоволуваме уметнички потреби. Нескромно, но ќе речам дека сум задоволна во поглед на програмската политика што ја креираме. Музиката е неисцрпно поле за истражување и ние, во рамките на границите на врвните музички вредности, настојуваме да трагаме по квалитетното. Да истражуваме и подлабоко, затоа што и таму ќе ги најдеме најскриените и навидум недопирливи богатства. Се трудиме да создаваме работен амбиент во кој ќе нема место за не може или не можам. Кон ваквата ориентација колективот има волја за ангажман, а и јас лично по толку години во оваа професија, еве уште имам страст за овие предизвици.

Во овој контекст и во оваа пригода би сакала и да им порачам на грст „активисти“ по социјалните мрежи кои забележуваат што просторот на Филхармонијата повремено се користи и за разни други настани, за комерцијални активности од областа на музиката и на културата воопшто, понекогаш од естрадата. Па дури и за настани кои воопшто не се поврзани со културата. Но, токму тие и таквите „не-филхармониски“ случувања во овие кризни времиња на Филхармонијата ѝ овозможуваат да финансира и дел од своите надградени програмски активности, како и да покрива и дел од тековните, не така мали, режиски трошоци. Но, тие и такви реакции не нѐ загрижуваат, бидејќи, за разлика од нивните автори кои очигледно не разликуваат простор од програма и квалитет од неквалитет, нашата посветена публика со „врзани очи“ ги препознава нашите оригинални „производи“.

 

Поминаа доволно години за да се донесат оценки за квалитетот на акустиката на салата и другата нејзина организациска структура. Колку сте задоволни Вие, изведувачите и диригентите кои настапуваат.

Има поделени мислења за акустиката на салата. Конкретно, од диригентите од странство и од солистите, токму за акустиката главно добиваме позитивни оценки. Дури и врвниот виолинист Кирил Трусов даде изјава во која рече дека акустиката на нашата сала е подобра од акустиката во прочуената нова концертна сала во Хамбург. Се разбира, изведувачите ова го восприемаат од нивна перспектива, од самата сцена. Оркестарот, дел од ансамблот, од музичарите, имаат поинакво мислење. Неретко регистрираат проблеми со меѓусебното слушање што доведува до проблеми при изведбата. Но, ова не е случај само со нашата сала. Во Метрополитен во Њујорк, на пример, велат дека во третиот ред сѐ се слуша одлично, но во седмиот се губи квалитетниот звучен контакт со сцена. Сѐ зависи и од програмата. На пример, акустиката кај нас не е баш поволна за електрични состави. Кога слушаме класична музика бараме да добиваме потопол звук, посетителот да се чувствува како да е дел од оркестарот, интимно и поврзано, што е карактеристика за повеќето од европските концертни сали. Не секаде акустиката е идеална, дури ни во престижните концертни сали наменети за симфониска музика. Некаде звукот е сув, некаде има понагласено ехо итн. И акустиката е наука и таа се развива, а процесот да се постигне совршен звук е сложен.

Нашата посветена публика со „врзани очи“ ги препознава нашите оригинални „производи“ (Фото: М. Аргакиева)

 

Може ли да се оцени дека оваа сала цела во дрво повеќе „резонира“ со музика од одреден период, на пример, со барокот или класицизмот. Или тоа исто се однесува и за музиката на модерните композитори.

Нема правило. Некои дела се напишани за помал симфониски состав, некои за голем, некои се напишани за грандиозен оркестар и хор. Овде е умешноста и во тоа како е поставен оркестарот, каде се сместени виолончела и контрабасите, каде се сместени перкусиите, каде дувачите, дрвените и лимените, харфата, пијаното итн. Позиционирањето на оркестарот исто така може да придонесе во подобрување или влошување на звукот. Има модерни дела кои се напишани во манир на барок, има и дела кои бараат електричен звук, има нови дела кои се стриктно посветени на бојата на звукот итн. Акустиката е комплексна и сложена тема и акустичарите ни велат дека балансот на звукот може да се постигне со многу малку, но и за тоа малку, потенцираат, нужни се знаење и стручност.

 

Во составот на Филхармонијата има 90 музичари. Доволно ли е тоа, особено за изведби на пограндиозни дела.

За големи музички дела е недоволно. Во такви прилики принудени сме да ангажираме дополнителни музичари. Но, за жал, кај нас недостигаат инструменталисти. Има малку музичари особено во дувачкиот сектор и тоа е последица и на интересот, но веројатно и на планирањето во музичко-образовниот систем. Понекогаш сме принудени да ангажираме инструменталисти од друга земја, главно од соседството и тоа, секако, чини пари. Сето е ограничувачки фактор и при креирање на програмата на Филхармонијата, но, за жал, желбите и можностите често не кореспондираат. 

Филхармонијата е своевидно архитектонско „чудо“ во Скопје (Фото: М. Аргакиева)

 

За одредени концерти се неопходни и хорови. Со кого најчесто соработувате и дали со одредениот хор се договорате за делото што Филхармонијата има план да го изведе.

Репертоарот на Македонската филхармонија во последно време е збогатен и со дела со хорски ансамбли. Ќе ги споменам премиерите на двете грандиозни дела „Реквием за мојот пријател“ од Збигњев Прајснер и „Реквием за војната“ од Бенџамин Бритн, и еве, во април премиерно ќе се изведе уште едно такво дело „Стикс“ од Канчели. Потоа, во мај на репертоарот ни е „Реквием“ од Верди, а во ноември ќе ја изведеме музиката од култниот филм на Кишловски „Три бои сино“. Хорови сме користеле и за оние попопуларни настани како концертите во Градски парк или концертот за Денот на вљубените. Често соработуваме со хорот „ПроАрс“ кој го раководи Сашо Татарчевски и секогаш биле на висина на задачата. Со нив имаме одлична професионална соработка.

Соработуваме и со Хорот на Операта. „Реквием“ од Верди, е всушност заеднички проект на двете институции. За концертот, пак, што го одржавме во Соборниот храм „Св. Климент Охридски“, гостуваше хорот на Софиската филхармонија. Што се однесува до тоа како се договараме, ангажираме хор неколку месеци однапред за да има доволно време да се подготви. Работат сами со свој диригент, а една недела пред концертот, заедно со оркестар и диригент, кога се соединуваат сите елементи на делото. И јас сум љубител на големите дела, на вокално-инструменталната музика, и иако е навистина комплексно кога се поставуваат, на крајот трудот квалитативно се исплатува. Таква величественост ретко се доживува, уште повеќе ако знаете дека се изведува мошне ретко, дека нема реприза и дека генерациски сте биле сведок на грандиозноста на нечија фантазија.

 

Како и секоја филхармонија и македонската има многу гости-диригенти од странство. Дали диригентот ја определува програмата или се вклопува во планот на Филхармонијата? И дали тој сугерира кој би можел да настапува како солист во одредено дело.

Да, секоја недела практично имаме различни солисти и диригенти кои доаѓаат од европските и светските сцени. Солистите најчесто ни го испраќаат репертоарот што тие го изведуваат, а ние правиме избор во насока на тоа дали делото е компактно со останатиот дел од програмата. Често на солистите и ние им сугерираме наши идеи кои најчесто се прифаќани од нивна страна. Со диригентите имаме пошироко поле за креација. Станува збор за заемен договор. Некогаш ние им презентираме програма која е во зависност од останатиот дел од нашиот репертоар. Понекогаш од нив добиваме интерактивни идеи, понекогаш и тие предлагаат солисти. По правило диригентите имаат длабоко музичко познавање и се трудиме нивното знаење, да го искористиме. Навистина многу учиме од гостите, тие се наше огледало кон светот и среќни сме што ни е дадена можност да црпиме знаења од големи музички уметници кои, пак, отворено зборуваат дека и тие учат по нешто од нашите музички виртуози.

Белината на фоајето е во целосна спротивност од дрвениот амбиент во салата (Фото: М. Аргакиева)

 

Многу филхармониски оркестри во светот се специјализирани за одредени композитори или периоди, па затоа се вршат дополнителни истражувања или се набавуваат инструменти што треба да го имаат звукот од тоа време. Размислува ли Филхармонијата во таа насока и дали може да има ресурси за тоа?

Во повеќето европски држави има по неколку симфониски оркестри кои функционираат не само во главните градови, туку и во внатрешноста на тие земји и кои се финансирани дури и од самите општини. Затоа и постои можност некои помали оркестри да се фокусираат само на одреден тип на музика, на пример, да изведуваат само дела од епохите на ренесансата и барокот. Токму поради тоа, инструменталниот состав е сосема различен од оној на стандардниот симфониски оркестар. За Македонската филхармонија да изведува дела од ренесансниот период, на начин на којшто се изведувале во тоа време, потребни ни се инструменти, но и музичари. Во Холандија, на пример, таа култура сѐ уште силно се негува и се специјализира и во музичките школи. Во преговори сме да набавиме чембало, инструмент кој најчесто се користи во барокната музика, но и не само во делата од тој период. На репертоарот сме имале дела од сите епохи но, се разбира, без виола да гамба и виола да брачо. На оркестарот, секако, му е неопходен нов инструментариум што е скапа и голема ставка, па затоа сѐ друго не е приоритет.

 

Колку сте задоволни од квалитетот на инструментите што ги имаат музичарите. Кој е најстариот и највредниот од нив? И дали товарот за подобар и поскап инструмент паѓа само на музичарите.

Голем дел од музичарите свират на свои инструменти за што државата им плаќа наемнина. За жал, одамна не е инвестирано во инструментариумот. Сите знаеме дека е тоа скапа работа, но тоа е и основната алатка на оркестарот. За среќа, благодарение на спонзорство од банката НЛБ, неодамна купивме нови труби. Во преговори сме да набавиме нов контрабас, еуфониум итн. Веднаш се забележува разликата во оркестарскиот звук кога имате квалитетни инструменти. Значи, реално не сме задоволни од одредени инструменти што ги поседуваме, но се трудиме чекор по чекор да набавуваме нови или да ги репарираме и поправаме постојните. Често се случува да изнајмуваме инструмент од други оркестри од соседството. Во октомври, на пример, гостувавме во Белград и нашите контрабасисти свиреа на инструментите кои ѝ припаѓаат на Белградска филхармонија. Звукот беше далеку подобар, а нивното задоволство од тоа дека свират на поинакви и многу поквалитетни контрабаси, не можеа да го сокријат.

Во оваа пригода сакам да истакнам една многу важна мисија. Веќе подолг временски период, самите собираме средства за набавка на некои инструменти, со лично и макотрпно вложување на дел од музичарите кои свират на лимени дувачки инструменти. Но, велам, инструментите се скапи, самите немаме финансиска моќ за набавка на врвен инструментариум доколку зад оваа потреба не застане државата. Имавме среќа во минатото на подарок да добиеме две концертни пијана од марката „Стенвеј“, скапа работа и затоа ги чуваме како зеница во окото. Тие ни се највредните инструменти. Свесни сме дека ако нешто им се случи, нема да имаме можност да купиме други.

Веќе подолг временски период самите собираме средства за набавка на некои инструменти, вели Иванова (Фото: М. Аргакиева)

 

Во овие напрегнати односи меѓу Македонија и Бугарија изгледа дека и културната соработка запрела. Но, со Филхаромнијата не е така. Имате повеќе гости диригенти од Бугарија. Најдовте ли вие друг пат на разбирање со бугарските уметници?

Културата, музиката, никогаш не биле дел од какви било политички, етнички, религиозни и други препреки, превирања. Напротив, тие уриваат бариери. Дали ако дојде некој уметник од Грција или Бугарија би зборувале за политика? Би ја ставиле ли политиката како главна тема на маса? Не. Зборуваме на универзален јазик. Освен, се разбира, ако тоа не се злоупотреби до степен да се нарушат нашите релации на соработка поради непотребни политизации. Настојувам музиката да ја користиме како битна алатка за севкупна цивилизациска меѓуопштествена и меѓудржавна кооперција. За културна и натполитичка соработка, пред се`. Постојано соработуваме и со уметници од Бугарија, идентично како и со уметници ширум светот. Уметниците, музичарите од соседна Бугарија, со големо задоволство настапуваат кај нас. Исто и нашите уметници на нивната сцена. Еден од нашите редовни диригенти е Емил Табаков кој со децении наназад соработува со Македонската филхармонија и е миленик и на овдешната публика и на оркестарот. Диригентот Најден Тодоров, исто така. Тој во моментов е бугарски министер за култура во службената влада. Неодамна гостуваше и хорот на Софиската филхармонија. Тоа е врвен хор со светски квалитет, а оваа мартовска сабота ни гостуваше Софиската филхармонија. Културната соработка не запира и се надевам дека таа ќе продолжи и ќе се интензивира.

 

Салата нема оргули. Тоа во значајна мерка го стеснува изборот на репертоарот. Поставувањето оргули е огромна инвестиција, а исто така голема инвестиција е да има музичар кој ќе знае да свири на нив. Размислувате ли во таа насока?

Нема оргули, иако е предвиден простор за нивно вградување. Тоа било предвидено уште во проектот кога се градела концертната сала. Но поради недостигот на овој инструмент репертоарот не се стеснува значително. Контактиравме со фабрика за оргули во Марибор, Словенија, но нема да ја соопштам цената. Тоа е сепак значајна, би рекла, обемна инвестиција која во некои подобри економски околности само државата би можела да ја реализира.

Оркестарот и хор заедно на сцената (Фото: М. Аргакиева)

 

Како се определува репертоарот за една концертна сезона? Кој сѐ учествува во неговото конципирање?

Нашиот тим прави планови за програмата долг период однапред. Преговорите со солистите и диригентите почнуваат, исто така, многу порано, затоа што уметниците имаат своја агенда. На голем дел од нив календарот им е исполнет најмалку за две наредни години. Програмата за 2024 година, на пример, речиси ни е комплетирана, договорена. Во подготовка на репертоарот учествува целиот тим на Филхармонија. Тука сме јас, продуцентката, концерт-мајсторите, диригентите, водачите на групите, музичарите, сите. И се разбира, не ги забораваме и предлозите на гостите.

 

Колку е искористена камерната сала на Филхармонијата кога знаеме дека настапи на квартети или квинтети се идеален простор за тоа?

Многу. Имаме и своја програма наменета специјално за камерната сала. Таму се случуваат камерни концерти и рецитали, а во последно време детски концерти на камерни состави. Беше малку запоставена за време на пандемијата поради помалиот простор. Сега оваа сала што ја нарекуваме „мала убавица“, повторно е актуелна и до крајот на годината ќе следат интересни проекти. Знаеме дека камерното музицирање кај нас е во благ пад, па затоа воведовме концерти насловени како „Филхармонија за Филхармонија“ кои често се случуваа за време на пандемијата кога музичари од нашата институција создаваа камерни состави. За вакви ансамбли има избор од огромен и прекрасен репертоар.

 

За одржување на еден вака скапоцен простор се потребни големи пари. Ви стигнуваат ли издвојувањата на државата за тоа или се снаоѓате и на друг начин?

Државата инвестира и ја одржува зградата, но тоа не е доволно. Затоа за некои помали ставки самите обезбедуваме средства. Практично сме принудени по нешто и да заработуваме преку изнајмување на просторот за разни други музички случувања и воопшто за културни настани, но и за други општествени потреби со поинакви содржини. Мораме да се грижиме објектот да го одржуваме во пристојна кондиција. Не смееме да дозволиме да биде запуштен, зашто секое реновирање со покрупни зафати многу би чинело и би одзело и време за редовните програмски активности. Знам дека сме добри и посветени домаќини. Создаден е амбиент во кој за објектот сите вработени се грижиме како за свој дом. Впрочем, ја имаме само оваа Филхармонија која, да не заборавиме, 70 години немаше свој дом.