Филхармонија не попушта за новиот директор, еве што одговорија од ресорното министерство


Фото: Б. Грданоски

Министерството за култура и туризам денеска во врска со протестот на вработените во Македонската филхармонија соопшти дека изборот на директор на оваа институција ќе биде исклучиво согласно законските прописи.

Од Министерството информираат дека Комисијата за селекција на кандидати за избор на директор на Филхармонија согласно Законот за општа и управна постапка (ЗОУП) до учесниците во конкурсот доставила барање за дополнително појаснување во однос на доставената документација, што било пракса и во минатите постапки за избор на директор на Филхармонијата.

– Министерството ги отфрла тврдењата искажани на денешниот протест. Апелираме до вработените и до целокупната јавност да имаат доверба во институционалниот процес кој се спроведува исклучиво согласно со законот, посочуваат во соопштението.

Вработените во Македонската филхармонија денеска одржаа протест пред Министерството за култура и туризам, затоа што се сомневаат на потенцијална департизација во однос на изборот на директор на оваа институција.

„Пред неколку дена, министерот за култура и туризам, Зоран Љутков во изјава за еден медиум рече дека одлуката кој ќе биде директор на нашата институција може да биде и политичка.

Го повикуваме министерот да ни одговори нам и на јавноста – Зошто се спроведува конкурс, ако одлуката е политичка? Зошто се ставаат во нерамноправна позиција останатите кандидати? Како може одлуката да биде политичка кога вработувањата не смеат да бидат предмет на договор меѓу политички структури? Дали Љутков со оваа изјава и официјално потврдува дека департизацијата и мерит системот беа само декларативна предизборна кампања на ВМРО-ДПМНЕ? Дали кандитатите треба да бидат врвни професионалци, или да ја одразуваат политиката која ја водат тие како партија? За какво почитување на закони и департизација станува збор, бараме да ни одговори министерот Љутков, кога, по секоја цена, на незаконски начин се туркаат меѓупартиски договорени кадри? Бараме и од премиерот Христијан Мицкоски да остане доследен на последната изјава дека додека тој е претседател на македонската влада ќе се вработуваат компетентни кадри и дека ќе се почитува системот на заслуги, а не системот на партиски договори и списоци. И што е уште поважно – дека ќе се почитуваат законите, и ќе важат исто за сите граѓани на Македонија“, се вели во соопштението на Филхармонија по денешниот протест.

Протестот на вработените во Македонска филхармонија доаѓа откако претходно вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити во интервју за „24 Вести“ посочи дека при поделбата на раководните функции во институциите, ВЛЕН ја добил Филхармонијата и дека директор ќе биде Мустафа Имери.