Филхармонија доби поддршка од Белградска филхармонија за изборот за директор


Фото: Б. Грданоски
 

Вработените во Македонската филхармонија, денеска добија поддршка од своите колеги од Белградска филхармонија да истраат во борбата за законски избор на најквалификуван, а не партиски договорен кандитат за директор. Во моментов и музичарите од Белградска филхармонија се во штрајк, и тие, како и нашите вработените во Филхармонија бараат транспрентен конкурс за избор на директор, но и поголеми плати.

„Музичарите од Белградската филхармонија им даваат целосна поддршка на своите колеги од Македонската филхармонија во нивната борба за законски и транспарентно спроведен конкурс за избор на директор.

Сосема ни е јасна вашата битка, зошто во моментов со ист проблем се соочуваме и ние. И нашата држава, како и вашата треба да бидат свесни дека не може да постои здраво општество, доколку граѓаните ја изгубат својата верба во институциите на системот и ако културата и уметноста постојано се туркаат на маргините.

Многу добро знаеме и ние, и вие, колку е важно кој ќе застане на чело на нашите институции, зошто тоа го одредува патот по кој ќе се движиме во иднина. На вашата држава треба да и биде јасно дека Македонска филхармонија не е прекрасната нова концертна сала, на која ви завидуваат колегите од регионот, туку музичарите кои работат во неа. И дека вам, а не на концертната сала, ви е потребен квалификуван и вешт менаџер, а не партиски поставен директор без критериум и со заобиколување на законските нормативи.

Се надеваме дека ќе истраете во вашата борба и дека ќе се изборите Македонската филхармонија да добие нов директор на законски и транспарентен начин“, се  вели во соопштението на музичарите од Белградската филхармонија.