Фијон влезе во бордот на руски петрохемиски гигант

Поранешниот француски премиер Франсоа Фијон неодамна станал член на бордот на директори на рускиот петрохемиски гигант Сибур. Конзервативецот, кој се кандидираше за претседател во 2017 година по речиси петгодишен мандат како премиер на поранешниот претседател Никола Саркози, се приклучил на руската компанија како „независен директор“ на 17 декември.
Со групата претседаваат руските олигарси Леонид Микелсон и Генадиј Тимченко. Тимченко е долгогодишен познаник на рускиот претседател Владимир Путин чии активности во енергетскиот сектор „биле директно поврзани со Путин“ според оценката на американското Министерство за финансии. Кирил Шамалов, поранешен зет на Путин, е акционер кој во 2013 година купил за 100 долари 3,8 отсто од акциите во компанијата, кои беа проценети на 380 милиони долари, според истрагата на истражниот весник IStories.
Кон крајот на јуни, Фијон беше номиниран од руската влада во одборот на руската државна нафтена компанија Зарубејнефт и работи како консултант преку неговата фирма Аптерас.
Фијон беше осуден во јуни 2020 година на пет години затвор поради фиктивни работни места што ја попречија неговата претседателска кампања во 2017 година. Тој ја обжали одлуката, а Апелациониот суд во Париз рече ќе ја донесе својата одлука во мај 2022 година.
Други поранешни високи европски функционери се приклучија на бордови на руските нафтени групи во последниве години, вклучително и поранешната австриска министерка за надворешни работи Карин Кнајсл во јуни оваа година и поранешниот германски канцелар Герхард Шредер во 2017 година.