„Фиат Крајслер“ и ПСА се спојуваат во „Стелантис“


Компанијата што ќе биде формирана со спојување на италијанско-американскиот „Фиат Крајслер“ и францускиот ПСА, сопственик на „Пежо“, ќе се вика „Стелантис“, објавија автомобилските гиганти.
По планираното завршување на спојувањето во првиот квартал од 2021 година, имињата и логоата на брендовите-компоненти на новоформираната група ќе останат непроменети, се додава во заедничката изјава објавена во средата.

Компаниите нагласуваат дека новото име ќе се користи само како корпоративен бренд на ниво на група. Следниот чекор во овој процес ќе биде дизајнирање на логото.

Новото име на компанијата потекнува од латински глагол што значи „да заблескаш со sвезди“, се вели во соопштението.

Во декември минатата година, „Фиат Крајслер“ и ПСА се согласија за тешко спојување вредно 50 милијарди американски долари и создавање на четвртиот по големина производител на автомобили во светот, обединувајќи ги Fiat, Jeep, Dodge и Maserati и Opel и DS под истиот кров, пренесува Ројтерс.

Publicis Group беше ангажирана во процесот на избор на име за новоформираната компанија, се вели во соопштението на компаниите.