ФФМ ги послуша навивачите – на Европско ќе се игра во црвено-жолтите дресови
Фудбалската федерација на Македонија со старите дресови ќе дебитира на големата европска сцена, откако новите, кои беа промовирани вчера, не наидоа на позитивни реакции кај фановите.
Особено негативни реакции предизвика првиот дрес кој беше во бордо боја, без ниту еден мотив кој потенцира на Македонија, освен, речиси скриениот рис. Вториот дрес беше жолто-бел, а третиот дрес беше црн.
„Фудбалот се игра за фановите“, напиша претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини на официјалниот фејсбук профил, алудирајќи дека едноставно Федерацијата сака да го испочитува мислењето на комплетната јавност.
Јавно за изборот на дресот негодуваа капитените на машката и женска селекција, Горан Пандев и Наташа Андонова, а фановите почнаа со онлајн петиција за враќање на старите дресови.