„Ферари да е добро ќе се вози и во Скопје“: 28. Златна Бубамара не насмеа до солзи (галерија)
Снимката од Златна Бубамара 2025 ќе се емитува на Канал 5, следната недела, на 2 март, во 20 часот

„Додека се подготвуваме да ги трошиме парите од најновиот унгарски кредит“, годинашната 28. „Златна Бубамара на популарноста“, синоќа, во преполната сала на „Борис Трајковски“, со три стенд -ап водители, четири часа, не смееше до солзи, под мотото „„Вештачка интелигенција за владата – природна забава за народот“. Бевме „ем расположени – ем задолжени“, Жарко Јовановиќ, Тино без Атанас и Сашко Коцев, исклучиво „со природна интелигенција и изворен талент, ја “апгрејтнаа” публиката со актуелните случувања на политичката сцена, со скандалите, со дипломатските гафови и со имитирање на функционерите, повеќе од власта, отколку од опозицијата.
Музичкиот блок беше полн со емотивни моменти, а заврши со единствената регионална ѕвезда на настанот, како со годините наназад. Беа спомнати и легендите што ги изгубивме лани и годинава, вклучувајќи ги Атина Апостолова, Константин Икономов, Лазар Лечиќ, Џаро, Љупчо Константинов, Анка Гиева, Мирко Попов, Оливера Николова и Снежана Стамеска.
Традиционално, вечерта ја отвори Ранко Петровиќ, сопственикот на радиото и човекот од кого потекна идејата за оваа манифестација, кој откри и дека по 31 година од основањето на радиото, „Бубамара“ наскоро ќе почне да се слуша во Прилеп и Штип, а в година и низ цела Македонија“.

Годинава се доделија неколку награди за животно дело, а првата ја доби доајенот на народната музика, Перо Христов, кој за да ја добие оваа награда дојде од Америка.
Дарио се појави за да ја земе наградата за Трајни музички вредности и испеа блок од неговите најголеми хитови.
Сашко Коцев им ја додели наградата на К-15 (без Бубо) за 30 успешни години на сцената.
Меѓу неколкуте награди за трајни вредности беше и онаа за Сузана Спасовска, која наскоро ќе одбележи 40 години кариера.
„Бубамара“ не може да помине ни без Игор Џамбазов, најголемиот шоумен во Македонија. Тој ја рецитираше поемата „Тешкото“ од Блаже Конески, додека мажите од „Танец“ на сцената го играа орото во кое е вткаен дел од нашата историја.
Потоа запеа на јапонски за да го најави оперскиот пејач Казухиро Котецу. А Котецу, освен што доби награда, го испеа безвременскиот хит на Јонче Христовски „Ако умрам ил загинам“ и на крајот го фрли своето палто на подот, во манирот на легендарниот пејач.
Калиопи вчеравечер се закити со дури три награди – албум, концерт и пејачка на годината, и во нејзина чест, публиката ја поздрави со „ѕвездено небо“.
Пред крајот на вечерта, се случи и еден од најемотивните моменти – „Меморија“ кои добија награда за рок бенд и рок концерт, својата статуетка му ја дадоа на Филип Николовски од Прилеп, момче во инвалидска количка, кое пееше со нив и вчера, исто како и на големиот концерт во 2024.
Четиричасовното шоу заврши со настапот на Муарем Сербезовски, кој дојде од Сараево за „Бубамара“. Пред полупразната сала ја испеа „Зашто су ти косе побелеле друже“.
Снимката од Златна Бубамара 2025 ќе се емитува на Канал 5, следната недела, на 2 март, во 20 часот. (Л.С.)
Фото: ФБ на „Златна бубамара“/ Слободан Ѓуриќ
РЕДОСЛЕД НА НАГРАДИ – ЗЛАТНА БУБАМАРА НА ПОПУЛАРНОСТА 2025
- Најпопуларен оркестар 2024 Битолски камерен оркестар
- Најперспективна млада пејачка Ана Петановска
- Театарска престава за деца и младинци 2024 РОЊА
- Животно дело Перо Христов
- Трајни музички вредности Дарио
- Награда за 30 години јубилеј К-15
- Трајни вредности во уметноста Миро Масин
- Хит на годината 2024 Некст Тајм & Слаткар – Океани
- Трајни музички вредности Сузана Спасовска
- Спортска легенда Илија Најдоски
- Амбасадор на македонската култура 2024 Казухиро Котецу
- Етно Концерт 2024 Ансамбл Стефче Стојковски
- Поп концерт 2024 Калиопи
- Пејачка 2024 Калиопи
- Албум 2024 Калиопи
- Актерка 2024 Дарја Ризова
- Актер 2024 Ѓорги Јолевски
- Театарска претстава 2024 12
- Животно дело Муарем Сербезовски
- Писател 2024 Тихомир Јанчовски
- Рок група 2024 Меморија
- Рок концерт 2024 Меморија