Фејсбук го поврзува Месинџер со Инстаграм


Најавата за спојување на Месинџер, Ватс-ап и Инстаграм (Messenger, WhatsApp и Instagram) во една заедничка платформа за пораки, којаа што беше објавена на почетокот на минатата година, започна да се реализира деновиве, иако на мала врата.

Корисниците во САД забележале дека во рамки на мобилната апликација на Инстаграм на iOS и Android, им е понудена надградба на новиот вграден систем за инстант пораки – што по ажурирањето значително го менува изгледот, пишуваат специјализирани интернет портали.

По ажурирањето, што треба да се направи мануелно, „четот“ на Инстаграм изгледа речиси исто како во Месинџер, а се користи и иста таква икона. Апликацијата, исто така, најавува дека наовој начин ќе може да се комуницира со контакти кои имаат само профил на Фејсбук и не мора да имаат отворено профил на Инстаграм. Оние кои ја ажурираа апликацијата и се обидоа да го сторат тоа засега известуваат дека комуникацијата од една социјална мрежа до друга сè уште не е можна, така што очигледно оваа функционалност ќе биде овозможена подоцна.

Покрај редизајнот, Инстаграм ги доби и опциите од Messenger познати од порано: реакции со емотикони на пораки и одговарање на специфични пораки преку „swipe to reply“, што исто така е достапно и кај WhatsApp.

Долгорочниот план на Фејсбук да ги спои сите свои платформи за пораки во една, за да можат да се комуницира меѓу нив, е јасно во нова фаза на имплементација. Откако ќе биде финализиран, целиот систем за пораки исто така се очекува да биде заштитен со криптирање од крај до крај. Првично, планот беше дека спојувањето ќе се случи во 2020 година.