„Фејсбук“ ги претстави „Фејсбук шопс“ – онлајн продавница за мали бизниси


Во „Фејсбук“ се надеваат дека новите алатки ќе им помогнат на малите бизниси подобро да се справат со сегашниот притисок

Корисниците на социјалната мрежа ќе можат да купуваат директно во продавницата на „Фејсбук“, а наскоро и во продавницата на „Инстаграм“

 

Основачот и главен извршен директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг во вторникот го претстави „Фејсбук шопс“, нова опција што ќе им олесни на компаниите да понудат своите производи на „Фејсбук“ и на „Инстаграм“. Станува збор за онлајн продавница смислена како едноставен продажен канал за малите бизниси.

Како што истакна Закерберг за време на презентацијата, корисниците на оваа социјална мрежа со години веќе користат апликации на Фејсбук за да купуваат и да продаваат, од „Маркетплејс“ до купување производи од омилени брендови или од инфлуенсери на Инстаграм.

Сега сакаат да им помогнат на малите претприемачи да се прилагодат на трендовите, клиентите полесно да ги пронајдат и да купуваат производи што им се допаѓаат, а купувањето да го доживуваат како забава.

Во сегашната ситуација, малите бизниси се борат да преживеат и со затворање на продавниците многумина бараат начин да ги извршуваат своите бизниси преку Интернет. Фејсбук има за цел да обезбеди едноставно искуство за купување и да ги охрабри сите, од малите претприемачи до глобалните брендови, да ја користат апликацијата за да се поврзат со своите клиенти.

– Затоа Фејсбук го промовира „Фејсбук шопс и инвестира во дополнителни функции во рамките на своите апликации кои ги поттикнуваат луѓето да купуваат и го олеснуваат продавањето и купувањето преку Интернет, посочија од Фејсбук.

Креирањето на „Фејсбук шопсе лесно и бесплатно, а претприемачите самите можат да изберат производи што сакаат да ги промовираат и потоа да го прилагодат изгледот на својата продавница со избирање на насловна фотографија и бои со кои ќе ја претстават својата трговска марка. Ова значи дека секој што сака да продаде нешто, без оглед на големината или буџетот, може да го премести бизнисот преку Интернет и да се поврзе со клиентите кога и каде им одговара најдобро.

До Фејсбук продавниците“ може да се пристапи преку профилната страница на брендот на „Фејсбук“ или преку профилот на Инстаграм, а може да се откријат и преку можноста „story“ или преку реклами. Корисникот може да ја пребарува целата колекција, да означи и да ги зачува производите за кои е заинтересиран, а потоа да ги порача преку веб-страницата на компанијата, додека купувачите во Соединетите Држави можат да нарачаат без да ја напуштат апликацијата, доколку компанијата има вклучено таква можност.

Исто како и во физичките продавници, кога е потребна помош при купувањето, корисниците ќе можат и во „Фејсбук шопсда постават прашање, да побараат поддршка или да го следат движењето на пратката со испраќање порака преку WhatsApp, Messenger или Instagram Direct. Во иднина, тие ќе имаат увид во продавницата и можност да нарачувааат и директно од опцијата „чет“ во тие апликации. Новата можност постепено ќе биде достапна ширум светот, соопштија од „Фејсбук“.
Покрај Фејсбук шопс, ова лето треба да биде претставена и „Инстаграм шопс. Како што најавија од Фејсбук, продавницата „Инстаграм“ прво ќе биде достапна во САД, а со време треба да стане достапна и во други земји.

Ако тоа вреди за нивните деловни активности, генерално ќе сакаат да понудат повеќе реклами: Марк Закерберг

Покрај шопингот директно од Фејсбук и од „Инстаграм, корисниците наскоро ќе имаат можност да купуваат во реално време. Имено, луѓето со години ја користат опцијата видео во живо во рамките на содржините на Фејсбук за да ги претстават своите производи, од продавници за чевли кои најавуваат нови патики до инфлуенсери за убавина кои испробуваат различни нијанси на кармини во живо, а сега Фејсбук го олеснува купувањето производи во реално време. Продавачите, брендовите и дизајнерите наскоро ќе можат да обележуваат производи во нивниот Facebook Shops или каталог пред да се вклучат во живо и овие производи ќе бидат прикажани на дното на видеото за корисниците да можат едноставно да кликнат за да дознаат повеќе за нив или да ги купат.

„Фејсбук исто така тестира можности со кои на корисниците ќе им овозможи полесен пристап до награди и подароци преку најразлични програми за лојалност, како што се собирање поени во локално кафуле. Програмите за лојалност во кои учествуваат ќе бидат поврзани со нивната корисничка сметка и тие лесно ќе може да го следат статусот на нивните поени.

Во „Фејсбук се надеваат дека новите алатки ќе им помогнат на малите бизниси подобро да се справат со сегашниот притисок и ќе им го олеснат на сите претприемачи да се подготват за предизвиците што ги носи иднината.

„Тоа е едноставно и доследно искуство во ова семејство на апликации, што значи дека е полесно за луѓето“, рече Закерберг во живо на Фејсбук. „Тоа секако значи дека ќе има поголема конверзија и поголема продажба за малите бизниси“.

Иако „Фејсбук шопс“ ќе им олеснат на компаниите да ги наведат своите производи на „Фејсбук“, во повеќето случаи корисниците ќе треба да го напуштат „Фејсбук“ и да се упатат кон веб-страницата на компанијата за да го завршат купувањето.

„Фејсбук шопс“ доаѓа откако Фејсбук ги засили напорите да ги поддржи малите бизниси за време на пандемијата на коронавирус. Закерберг вели дека тој лично бил вклучен во развојот на функцијата.

– Малите бизниси сочинуваат огромно мнозинство од над 8 милиони огласувачи на Фејсбук, истакна Закерберг. Тој очекува дека и покрај тоа што продавниците се бесплатни, ќе ги охрабри малите бизниси да останат активно вклучени во платформата. Од почетокот на пандемијата, компанијата објави програма од 100 милиони американски долари за поддршка на малите бизниси преку грантови и начин за малите бизниси да продаваат подарок-картички директно на потрошувачите преку Фејсбук.

Долгорочно, „Фејсбук шопс“ и другите производи за е-трговија би можеле да му помогнат на Фејсбук да има повеќе реклами, рече Закерберг.

– Нашиот деловен модел овде е реклами, така што наместо да им наплаќаме на бизнисите за „Шопс“, знаеме дека ако тоа вреди за нивните деловни активности, генерално ќе сакаат да понудат повеќе реклами, рече Закерберг. „На крајот ќе се заработат пари“.