Федерер го одигра последниот меч во величествената кариера, емотивна разделба со натпреварите

Роџер Федерер и официјално ја заврши кариерата. Последниот меч во двојки го одигра со Рафаел Надал и со пораз стави крај на една од најголемите кариери во историјата на спортот


Роџер Федерер (41), швајцарскиот тенисер и еден од најдобрите играчи во историјата на тенисот, го одигра последниот меч во кариерата. Тој го одигра во двојки заедно со својот најголем ривал Рафаел Надал и се прости од натпреварувањата во тенис со пораз од Џек Сок и Френсис Тиафо (4:6, 7:6, 11:9) на Лејвер купот во Лондон.

Федерер и Надал имаа меч топка во третиот сет, но тоа е далеку помалку важно од фактот што 20-кратниот победник на Грен слем стави крај на прекрасната кариера. Федерер се воздржа додека даваше интервју на теренот, но се скрши кога ја спомна сопругата Мирослава Вавринец и се расплака. Додека на видео бимот се пушташе филмот за неговата кариера, Федерер не можеше да ги задржи солзите, па дури и Надал пушти солза покрај него.

Во својата кариера швајцарскиот тенисер освои вкупно 103 турнири во сингл, од кои 20 Грен слем, 28 Мастерс 1000 турнири и шест финалиња на АТП. По бројот на освоени Грен слем турнири, тој е трет тенисер во историјата, зад Рафаел Надал (22) и Новак Ѓоковиќ (21).

Тој е единствениот во историјата кој го освоил УС Опен пет пати по ред (од 2004 до 2008 година), а го држи и рекордот од вкупно 71 освоен турнир на тврди подлоги. Осум пати го освои Вимблдон, шест пати Австралија опен, пет пати УС Опен и еднаш Ролан Гарос.