Фаучи: Се надевам дека нема да имаме по 800.000 новозаразени на ден


Бројот на смртни случаи од корона вирусот во САД во јануари може да го надмине бројот од декември, предупреди денеска водечкиот американски имунолог Ентони Фаучи, изразувајќи надеж дека САД нема да имаат 800.000 заразени на ден.

Фаучи рече дека Американците не ги слушале експертите да не патуваат за време на празниците, што ќе има последици.

– Кога ќе се најдат голем број луѓе на вечера во затворени простории, каде слабо се проветрува, тогаш ќе навлегувате во проблем. Ќе имаме драстично зголемување на бројот на заразени, што може да го направи јануари полош отколку декември, изјави Фаучи за Си-Ен-Ен.

Тој одби да претпостави колкави ќе бидат бројките во јануари, но рече дека може само да претпостави дека ќе биде уште полошо.

– Се наоѓаме меѓу 100.000 и 200.000 заразени на ден. Имаше денови кога надминавме и 200.000. Само се надевам дека нема да дојдеме во ситуација кога ќе гледаме и по 800 000 новозаразени на ден, додаде Фаучи.