Фатмир Бесими: Деветтиот пакет мерки е фискално одржлив


Фото: Б. Грданоски

 

„Економијата не е егзактна наука, таа е комбинација на научни елементи и уметност“, рекол таткото на модерната економија, американскиот нобеловец, Пол Семјуелсон, потенцирајќи дека „првата и последната лекција која треба да ја научиме за економијата е дека нејзината цел не е да се приближиме кон егзактноста, туку кон подобрувањето на базите на податоци и начинот на расудување согласно нив“. Јас ќе додадам дека крајната цел на секоја економска политика, секогаш, треба да биде мотивирана од обезбедувањето подобри услови и просперитет за граѓаните. Макроекономистите се водат според логиката од најдобриот интерес за најголем број на луѓе, политики што го зголемуваат општото добро за сите, познат во економската теорија како „Парето оптимум“, пишува во својата колумна за МИА министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Тој пишува дека деветтиот владин пакет антикризни мерки бил внимателно дизајнирани, согласно конкретните потреби на нашата економија и таргетирани кон оние категории на кои навистина им е потребна поддршка. Новиот пакет антикризни мерки е обемен, содржи 23 мерки во вкупна вредност од 662,4 милиони евра, од кои 123,7 милиони евра се со директни фискални импликации, додека останатите со индиректни, а распоредени се во две фискални години, внимавајќи на фискалната одржливост. Притоа, три претходно донесени системски мерки, или подобро кажано политики, во 2023 и 2024 година го чинат буџетот дополнителни 516,3 милиони евра.

Во услови на глобална неизвесност, затегнати финансиски услови и забавување на економскиот раст, фискалната политика, а воедно и овој пакет на антикризни мерки, го насочивме кон поддршка на економскиот развој и поддршка на ранливите категории на граѓани. Лично бев изненаден од некои изјави по објавата на пакетот, дека мотивот зад него е политички маркетинг, дека ќе се разгорела инфлацијата затоа што ќе се поддржат ранливите категории, односно студентите преку поддршка за јавен превоз, учениците од семејствата со ниски примања, поддршка на пензионерите со ниски пензии преку додаток, или компаниите, главно мали и средни компании, со ликвидносни инјекции.

„Околу фискалната политика. Препораките на меѓународните финансиски институции и експертите се дека додека инфлацијата е на високо ниво, треба да се внимава да нема експанзивна фискална политика. За волја на вистината, од пандемијата наваму, кај нас буџетскиот дефицит се стеснува континуирано, согласно проектирана патека на фискална консолидација, па дури и побргу (од 2020 година од околу 8%, дефицитот годинава е речиси преполовен на 4,6%, а веќе догодина се проектира на 3,4%, со очекувања за понатамошно намалување и на среден рок).

Второ, ММФ јасно упатува на тоа дека фискалните мерки треба да бидат таргетирани, односно насочени кон одредени категории, каде е потребно да се обезбеди социјална заштита, но и поддршка за економската активност. Мерките кои ги донесовме се јасно таргетирани – кон ранливите категории, за поддршка на фирмите (главно секторот на мали и средни претпријатија), како и системски мерки за справување со кризата. Најголем дел од мерките се со временски ограничен карактер, за да се осигура фискалната одржливост“, вели Бесими.