„Фајненшл тајмс“: Балканските држави се вртат кон Русија и Кина за вакцините


„Благодариме, брате Ши“, големи билборди на многу места во Србија (Фото: Ројтерс)

Балканските држави се обидуваат да стигнат до анти-ковид вакцини од Русија и од Кина во недостиг на дози што ги произведуваат западните компании. Притоа, се нагласува во текстот на угледниот лондонски „Фајненшл тајмс“ (ФТ), станува збор за држави кои сакаат да станат членки на НАТО и на Европската Унија (ЕУ).

– Светот удри во глечер, баш како што се случи со Титаник. Богатите и најбогатите се спасуваат себеси и оние кои ги сакаат. Тонеме заедно со Титаник. Можеби тоа не им беше во план, но тоа и не им е важно, порача српскиот претседател Александар Вучиќ во говорот за руски и кинески вакцини што сè уште не се одобрени за употреба во ЕУ.

Европската Унија, потсетува весникот, издвои 70 милиони евра за анти-ковид вакцини за шест балкански земји, но поради проблеми со набавката, станува сè поизвесно дека дозите од Запад ќе пристигнат со месеци подоцна во регионот. „Фајненшл тајмс“ заклучува дека тоа ги фрустрирало балканските држави и ги принуди да бараат вакцини од Кина и од Русија. Затоа и предупредувањата од поедини официјални лица за нарушен кредибилитет на ЕУ како последица од тоа на Западниот Балкан.

Македонија, Црна Гора, БиХ, и Косово, се нагласува во текстот, досега не добија ниту една вакцина од Западот.

– Сакавме да набавиме западни вакцини и со тоа да покажеме каде припаѓаме како земја. Првично ја исклучивме можноста за преговори со Русија и со Кина, изјави македонски претставник за весникот. Меѓутоа, истакнал тој, многу е тешко да им објасните на граѓаните зошто чекаат вакцини од „АстраЗенека“, од „Фајзер“ и од „Модерна“, додека Унгарија, на пример, набави вакцина од Кина.

Црногорската министерка за здравство Јелена Боровиновиќ-Бојовиќ истакна дека земјата потпишала договор за набавка на 150.000 кинески вакцини и оти ќе настојува да купи уште 50.000 од Русија.

И властите во БиХ кон средината на јануари најавија почеток на преговори со Москва и со Пекинг за набавка на анти-ковид вакцина, откако земјата, како и Црна Гора, не доби ниту една доза од вакцините преку глобалниот Ковакс механизам. Европската Унија, за волја на вистината, ги иззема земјите од Западен Балкан од забраната за извоз на вакцини, меѓутоа аналитичарот Ади Черимагиќ смета дека државите од овој дел на Европа се разочарани, бидејќи не добија ниту симболичен број на вакцини.