„Фајнанс тинк“: Мерките за ограничување на цените и маржите ја смируваат инфлацијата само во првиот месец, потоа таа се враќа


Институтот за економски истражуавња и политики „Фајнанс тинк“ (Finance Think) во најновиот бриф за ефектите од мерките за ограничување на цените на храната, посочува дека мерките придонесуваат за намалување на инфлацијата, но дека имаат скромен агрегатен ефект и затоа препорачува тие да се користат само во случаи на особено висока инфлација, а во сите останати случаи да се заменат со структурни мерки или мерки засновани врз пазарни принципи.

Од „Фајнанс тинк“ велат дека во периодот од 2021 до 2024 година, Македонија беше соочена со значителен раст на инфлацијата, предизвикан од повеќе фактори. Нарушувањата во синџирите на снабдување и притисоците на одделни пазари (како тој на масло за јадење), предизвикаа ценовни притисоци уште во втората половина од 2021. Но, главниот удар врз цените дојде по почетокот на Руската инвазија врз Украина кон крајот на февруари 2022, настан кој предизвика тектонски геополитички и економски поместувања, што имаше силен одраз врз растот на цените на енергенсите и основните суровини. Споредено со ценовното ниво од почетокот на 2021 година, на крајот од 2024 година општото ниво на цени во Македонија е повисоко за 35%, додека нивото на цените на храната за 46.8%.

 

1️⃣ Мерките за ограничување на цените на храната имаат силен ефект само во првиот месец од примената, со намалување на инфлацијата до -1%! 📉

2️⃣ По првиот месец, ефектот се разводнува поради пазарни прилагодувања, како што се раст на цени на алтернативни производи. ⚖️

3️⃣ Инфлацијата се враќа на претходната динамика веднаш по престанокот на мерките, но нема натфрлување. 🔄

4️⃣ Finance Think препорачува ограничувањата да се користат само при многу висока инфлација. Во другите случаи, потребни се структурни и пазарно засновани мерки. 🛠️

Во одговор на овој инфлациски притисок, Владата воведе низа мерки за ублажување на негативните последици по потрошувачката и животниот стандард на населението. Преземените мерки во периодот 2021-2024 година се однесуваат на замрзнување на цените на одредени основни производи и/или ограничување на трговските маржи, со цел да се спречи натамошно покачување на цените. Донесени беа вкупно девет основни одлуки до декември 2024, од кои три се однесуваат на ограничување на маржите, а останатите на ограничување на цените. Дел од нив се однесуваат на одредени производи од групата храна, а дел покриваат поширока палета производи од храна.

Наодите од анализата покажуваат дека мерките за ограничување на цените на храната извршиле благ агрегатен ефект и силен непосреден ефект. Просечната инфлација кај храната во периодите без примена на мерки изнесувала 0.5%, месец-за-месец. Со мерките, во просек инфлацијата кај храната била негативна најмногу до -1%, односно со мерките цените на храната се намалувале. Оттука, оценетиот ефект е релативно голем. Меѓутоа, тој ефект се разводнува по првиот месец од примената на мерката (кога таа траела подолго од еден месец). Ова означува дека додека мерките извршуваат најсилен очекуван ефект на намалување на цените на храната во првиот месец, тој ефект брзо се намалува веројатно заради прилагодувања на пазарната динамика (на пример, кај цени на алтернативни производи кои не се предмет на мерката).

Следниот наод укажува дека мерките за ограничување на цените на храната ја смируваат инфлацијата само привремено, бидејќи штом мерката престане да важи, цените повторно се зголемуваат. Инфлацијата се враќа на динамиката од пред мерката, скоро во целост, но не е проценето натфрлување.

„Фајнанс тинк“ препорачува мерките за ограничување на цените на храната да се користат само во случаи на особено висока инфлација, а во сите останати случаи да се заменат со структурни мерки или мерки засновани врз пазарни принципи, и тоа: доследна и непристрастна примена на Законот за нефер трговски практики, зајакнување на капацитетот и алатките на Комисијата за заштита на конкуренцијата, ремонт на системот на земјоделски субвенции за поголемо домашно производство, и таргетирана буџетска поддршка на најранливите сегменти од населението.