„Фајнанс тинк“: Колку глобалниот нафтен шок ќе се пренесе во домашната економија?


Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ ( Finance Think) во најновиот Бриф за политиките, под наслов „Колку глобалниот нафтен шок ќе се пренесе во домашната економија?“, оценува дека иако глобалните нафтени шокови се пренесуваат во домашната економија, нивниот ефект врз општото ценовно ниво е релативно умерен. Сепак, како што посочуваат, во услови на екстремен и нагол скок на цената на нафтата, Владата треба да биде подготвена привремено да интервенира преку даночно-акцизната структура на горивата, со цел да се амортизира преносот на глобалниот ценовен шок врз домаќинствата и компаниите.

Според „Фајнанс тинк“, краткорочно, дури и значајно зголемување на цената на нафтата има ограничен ефект врз инфлацијата, додека долгорочниот ефект се материјализира постепено преку трошоците на производството, транспортот и услугите и може да биде позначаен.

Притоа,како што се додава во анализата, проценетите еластичности укажуваат дека за да се предизвика значително зголемување на општото ценовно ниво – на пример, од големина на инфлациските притисоци во 2022 и 2023 година – би бил потребен исклучително голем и долготраен шок во цената на нафтата.

„Со оглед на нашите проценки за долгорочниот пренос, тоа би подразбирало повеќекратно зголемување на цената на нафтата на светските пазари, сценарио кое е економски можно, но релативно малку веројатно дури и во услови на тектонски геополитички поместувања“, посочуваат во анализата од „Фајнанс тинк“.

Оттука, како што додаваат, иако актуелните настани на Блискиот Исток оправдано создаваат загриженост на глобалните енергетски пазари, резултатите од истражувањето сугерираат дека нивниот директен инфлаторен ефект врз македонската економија најверојатно ќе биде умерен, освен ако не дојде до екстремно и долготрајно нарушување на глобалното снабдување со нафта.

Во однос на препоракиоте, од „Фајнанс тинк“ велат дека во вакви услови, економските политики треба внимателно да го следат развојот на глобалните енергетски пазари и потенцијалниот пренос на ценовните шокови во домашната економија.

„Иако актуелниот нафтен шок најверојатно нема да создаде силен непосреден инфлаторен удар, во случај на екстремно и нагло зголемување на цената на нафтата потребно е Владата да биде подготвена да реагира“, се вели во брифот за политиките.

Во таква ситуација, најсоодветен инструмент за ублажување на ценовниот удар би била привремена интервенција преку даночно-акцизната структура на горивата, со цел делумно да се амортизира преносот на глобалниот ценовен шок врз домаќинствата и компаниите. Ваквата интервенција треба да биде временски ограничена и внимателно дизајнирана, со цел да се зачува фискалната стабилност и да се избегне нарушување на пазарните сигнали на подолг рок, велатт од „Фајнанс тинк“.

Целта на анализата е да се оцени до кој степен глобалните промени во цената на нафтата се пренесуваат во општото ценовно ниво во македонската економија. Поконкретно, анализата ја оценува еластичноста на инфлацијата во однос на промените во цената на нафтата, како на краток така и на долг рок. Со тоа се обезбедува приближна проценка на потенцијалниот инфлаторен ефект.