Евровизија била и ќе остане непредвидлива: Интервју со Александар Масевски, композитор

Евросонг е предизвик сам по себе, а сатисфакцијата лежи пред сѐ во фактот дека твојата композиција ја претставува твојата земја, како и фактот дека ќе биде слушната од голем аудиториум


Фото: Б. Грданоски

Познатиот композитор и продуцент Александар Масевски е автор на песната Circles во изведба на Андреа Коевска која ќе не претставува на Евросонг, во мај, во Торино, Италија.

Неговиот професионален музички пат почнува уште во 1991 година, кога започнал да работи во Амстердам, главниот град на Холандија и освоил неколку издавачки договори со BMG и Sony.Во 1999 година ја основал својата музичка продукција наречена Massive Sky Productions, а во 2004 година во Скопје ја основа Massive Sky Music. Во текот на тридецениската успешна кариера, соработувал со познати ѕвезди во Македонија како Тоше Проески, Тамара Тодевска (автор е на нејзиниот хит „Сино“), Мартин Вучиќ…  но и со странски како Елен Хелмус, На Јинг и други.

Со евровизиско искуство, Масевски во  ексклузивно интервју за „Независен“ откри како со Circles стигна до победата на Националниот избор за песна на Евровизија, на кој јазик ќе се пее на сцената на Пале Олимпико арената во Торино, и што го прави Евросонг се уште атрактивен фестивал на поп-музиката. 

Фото: Б. Грданоски

Вашата песна Circles  во изведба на Андреа ќе не претставува на Евросонг во Торино во мај. Дали бевте скептичен или верувавте во победа?

Знаете, сите ние сме на некој начин скептични од аспект на тоа што не знаеме кој всушност ќе ни биде конкуренција на самиот избор. Откако ги слушнав песните што влегоа во потесен избор, сите на свој начин интересни, успеав полесно да ја визуелизирам моќта на Circles пренесена низ изведбата на Андреа. Тогаш почнав да верувам дека дури и победа е возможна.

Дали песната е наменски правена или чекавте вистинско место и вистинско време да ја промовирате?

Ние претходно имаме издадено шест синглови на англиски јазик и всушност Circles која е направена пред скоро една година беше планирано да биде седмиот сингл. Дури и времетрањето на оригиналната верзија беше 3 минути и 38 секунди, но ете ја прилагодивме на потребната должина за Евровизија.

За волја на вистината, направивме и една песна наменски за овој избор која исто така е многу добра и веројатно ќе се најде на репертоарот на Андреа во блиска иднина, но спонтаноста со која ја создадовме Circles преовлада во случајов. Сметавме дека е важно да допреме до публиката со нешто искрено. 

Дали ќе се пее на англиски и во Торино? Евровизијата некогаш беше поле на натпревар на сите јазици, а сега, заради комерцијалноста, земјите-учеснички како да се преориентираа главно на англискиот јазик.

Точно е дека се изгуби таа разноврсност на јазици и култури што беше поприсутна пред 2-3 децении, но сфаќањата, навиките и трендовите генерално се менуваат и според мене треба да научиме да живееме со тоа и да го прифатиме предизвикот на новото време. 

Ќе пееме на англиски јазик затоа што Circles е оригинално напишана на истиот, а нам ни одговара слушателите низ целиот свет веднаш да ја разберат суштината на пораката која Андреа сака да ја пренесе. Дека е тоа така се гледа и по реакциите на голем број слушатели на социјалните мрежи и YouTube (Македонци и голем број странци) кои веднаш се пронаоѓаат во текстот.

Фото: Б. Грданоски

Кои се следните ваши ангажмани околу нашето претставување во Торино? Дали песната ќе се дотерува или…?

Песната си е доволно дотерана и нема потреба од некоја посебна интервенција, но ќе ја освежиме суптилно за ете да блесне. Не сакаме да чепкаме во душата на инструментацијата која е во служба на експонирање на мелодијата, текстот и изведбата на Андреа. Како автор и продуцент на оваа песна ова е моето видување на тоа како Circles треба да звучи.

Веќе имате евровизиско искуство, пред се на Јуниорскиот евросонг и како дел од евровизиската екипа во Истанбул со Тоше Проески. Што мислите, зошто националниот избор за песна на Евровизија во Македонија секогаш го следи некакво незадоволство, негативна енергија, а не радост и гордост дека ќе не има на европската музичка сцена? Еднаш не ни се допаѓа пејачот, другпат композицијата, третпат жирито, па изгледот…?

Па, не знам… а, има ли генерално нешто во Македонија каде што не преовладува поделеност, незадоволство, негативна енергија и критика по секој основ и по секоја цена?!

Изборот на песна за Евровизија е само мала рефлексија од она што секојдневно ни се случува. И не, не треба баш секогаш вината да се бара во МРТ! Понекогаш треба да се погледне и на другата страна, кај нас авторите и изведувачите и да се размисли колку ние со нашите постапки допринесуваме во креирањето на овие скандали.

Дали ве погодија критиките дека песната ја избра меѓународно жири, а не публиката која една недела гласаше онлајн, што е сепак според правилата што ги соопшти МРТ?

Искрено не ме погодија. Правилата на гласање ни беа однапред познати и сите авторски тимови и изведувачи потпишавме согласност дека ги прифаќаме овие правила. Јас лично не слушнав дека некој автор или изведувач имаше забелешка на оваа тема.

Насочени сме кон креирање убави нешта во моментов… оние кои ќе ни се приклучат на ова наше убаво патешествие во претставување на нашата Македонија, можеби ќе ја имаат среќата преку својот пример да направат нешто доблесно и безрезервно да го поддржат својот претставник на Евровизија.

Фото: Б. Грданоски

Која е сатисфакцијата на еден композитор за учество на Евросонг?

Евросонг е предизвик сам по себе, а сатисфакцијата лежи пред сѐ во фактот дека твојата композиција ја претставува твојата земја, како и фактот дека ќе биде слушната од голем аудиториум.

Дали ја откривте тајната за успех на Евросонг? Квалитет, вокал, изглед, лобирања, моќни држави…

Не верувам дека некој воопшто успеал да ја открие тајната за успех и не верувам дека постои некоја посебна формула за тоа. Веројатно склоп од сите тие фактори набројани во вашето прашање. Евровизија за мене секогаш била и ќе остане непредвидлива.

Не ретко се случило да мислам дека некоја песна е квалитетна, а таа од ред причини не влегува во финале. За обратните случаи, кога неквалитетот влегува во финале и да не зборувам. Во секој случај, треба и да се поклопат коцките со правата песна и артист, на правото место, во право време.

Како Андреа стана избор за вашата композиција Circles?

Јас и Андреа соработуваме веќе три години. Таа со мене ја сними првата песна во својата кариера насловена I Know. Од тогаш снимивме многу песни во главно на англиски јазик кои повеќе или помалку и се познати на публиката.  Во изминатава година заедно со нашиот тим за маркетинг и промоција бележиме значителен успех на интернационалната сцена, каде што нашата музика се пушта по радио станиците во 40 земји, a реномирани блогови од САД и Велика Британија пишуваат во суперлатив за Андреа и музиката што ја креираме. Логично и природно беше токму Андреа која заедно со мене го напиша текстот, да ја пее Circles.

Која досега наша песна на Евросонг најмногу ви се допадна, а која од земјите-учеснички?

За да не се навредат колегите, а воедно и да не бидам пристрасен кон сопственото учество на Евровизија со Тоше, нема да наведам никого. Од земјите учеснички Duncan Laurence – Arcade.

Кои се вашите други проекти во моментот?

Во моето студио се работи дење-ноќе, секако дека имам и други проекти, но моментно сум фокусиран на Евросонгот.