Еврото паѓа
Вредноста на европската заедничка валута во однос на доларот денеска падна на најниско ниво во последните четири и пол месеци, пренесува порталот „Трејдинг економија“.
Според податоците на берзата, во 10 часот еврото се продавало за 1,06875 долари, што значи дека е најслабо од крајот на јуни во однос на американската валута.
Инвеститорите внимателно ги следат економските и монетарните случувања, како и политичката ситуација во Германија, а особено се заинтересирани за можноста за вонредни парламентарни избори во таа земја.
Трговците со валути се вртат против еврото бидејќи победата на Доналд Трамп на претседателските избори во Соединетите Американски Држави ги зголемува шансите за агресивно намалување на каматните стапки во еврозоната, што се промени кои водат до паритет меѓу еврото и доларот , објави претходно Блумберг.
Холандските банки ABN Amro и ING веруваат дека еден долар ќе се продава по цена од едно евро во наредните месеци, додека Deutsche Bank прогнозира дека еврото ќе падне на 1,05 долари до крајот на годината.
Ветувањето на Трамп дека ќе воведе високи царини би можело дополнително да ја ослабне европската економија, што би барало Европската централна банка уште повеќе да ја ублажи својата монетарна политика, додава њујоршката агенција.