Македонците најдолго остануваат да живеат со родителите


Младите во Европската унија во просек го напуштаат родителскиот дом во 26. година, а кај „тато и мама“ најдолго остануваат Македонците, Србите, Хрватите, како и Италијанците и Словаците, кои се одвојуваат од родителите дури откако ќе зачекорат во четвртата деценија, покажа истражувањето на Евростат.

Официјалната статистика на европското статистичко биро, кое преку бројки го осликува осамостојувањето на младите, говори дека разликите од земја до земја се исклучително големи: од „гнездото“ најпрво одлетуваат младите Швеѓани и тоа со неполни 20 години, Данци остануваат со родителите една година повеќе, а Финците го напуштаат семејниот дом со 22 години. Младите во Луксемург, Естонија, Холандија, Германија и Франција со самостоен живот почнуваат на 23-24 годишна возраст, а Грците, Шпанците, Португалците и Бугарите околу 29. година од животот.

Истражувањето на Евростат покажа и дека родителскиот дом најпрво го напуштаат девојките, поради тоа што порано од момчињата стапуваат во брак.