Европското обвинителство бара одземање на имунитетот на 11 грчки пратеници за скандалот со земјоделските субвенции


Атина – Укинување на имунитетот на 11 актуелни пратеници во рамките на истрагата за можна организирана измама поврзана со земјоделски субвенции, побарала европската обвинителка од грчкиот Парламент, а под истрага се и пет поранешни пратеници, соопштија од Европското јавно обвинителство (ЕППО), јави дописничката на МИА од Атина.

Барањето за одземање на имунитетот на пратениците се однесува на дејствија што веројатно биле извршени во 2021 година.

Паралелно, до грчкиот Парламент биле доставени и информации во врска со можна вмешаност на поранешен министер и заменик-министер за рурален развој и храна.

Европското обвинителство го истражува скандалот со европските земјоделски субвенции незаконски добиени преку Агенцијата за управување со субвенциите од ЕУ (ОПЕКЕПЕ) и спроведува повеќе истраги за можна организирана измама во која се вклучени јавни службеници од грчката агенција.

– За ЕППО да може да продолжи со истрагата и да ги утврди фактите, европската главна обвинителка побара одземање на имунитетот на 11 актуелни пратеници, согласно член 29 од Регулативата на ЕППО. Истрагата се однесува на наводни кривични дела и прекршоци против финансиските интереси на ЕУ, односно поттикнување злоупотреба на доверба, компјутерска измама и давање лажни изјави со цел стекнување незаконска корист за други лица, соопштија од ЕППО.

Во однос на информациите за можна вмешаност на поранешен министер и негов заменик додека биле на функција, објаснија дека според член 86 од грчкиот Устав, доколку во текот на истрага се појават докази што се однесуваат на можни кривични дела на министри извршени при вршење на функција, мора веднаш да се проследат до Парламентот.

– Ова ја ограничува можноста на ЕППО целосно да ја спроведе истрагата и ја принудува да ја подели постапката во делот што се однесува на евентуалната кривична одговорност на членови на грчката Влада, додадоа од Европското обвинителство.

Посочија дека нема да објават дополнителни детали за да не се загрози исходот на тековната постапка, но и дека сите инволвирани лица се сметаат за невини додека не се докаже спротивното пред надлежните грчки судови.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис изјави дека денешното соопштение на Европското јавно обвинителство „претставува сериозен разврска“.

-Очекуваме предметот да биде доставен до грчкиот Парламент, со цел секој случај да биде разгледан поединечно, рече Маринакис.