Европските субвенции за грчките земјоделци завршиле во скапи коли и вили, обвини Ковеши


Со години, криминалци, поддржани од владини службеници и високи функционери, проневерувале европски средства наменети за помош на трудољубивите земјоделци кои ја обработуваат оваа плодна земја, а не за поединци да се здобијат со раскошни домови и луксузни автомобили, изјави европската обвинителка Лаура Ковеши на прес-конференција во Атина, говорејќи за аферата со грчката агенција ОПЕКЕПЕ, одговорна за европските земјоделски субвенции.

Ковеши потенцираше дека “ОПЕКЕПЕ стана акроним за корупција и непотизам”. Таа додаде дека “превенцијата беше неефикасна, доставувањето пријави беше попречено, истрагата во најдобар случај беше површна”.

Европската обвинителка зборуваше и за железничката несреќа кај Темпи од февруари 2023 година и рече дека, како и во случајот со ОПЕКЕПЕ, пречка во истрагите е членот 86 од грчкиот Устав кој се однесува на одговорноста на министрите, односно дека само Парламентот е компетентен да ги гони членовите на Владата за кривични дела извршени додека се на функција.

Објасни дека Европското обвинителство во истрагата на грчките случаи постапува во согласност со грчкиот Устав и не може да го прекрши, и токму затоа посочи дека е неопходна промена на конкретниот член 86.

“Лошата вест е дека, (и за ОПЕКЕПЕ) како и во случајот Темпи, истрагата не можеше да стигне онаму каде што треба поради Уставот. Добрата вест е дека Парламентот може да го измени членот 86. Разбирам дека постои политичка волја за да започне овој процес”, нагласи Ковеши и додаде дека министерот за правда на Грција на вчерашната средба ѝ ја пренел намерата да се измени овој член од Уставот.

За железничката несреќа кај Темпи пред две и пол години рече дека “оваа трагедија можеше да се избегне доколку беше имплементиран на правилен начин проектот”, односно договорот 717 за железницата, што се однесува на сигнализација и далечинско управување. Потенцираше дека “единствениот начин за да се затвори оваа рана е да се спроведе правдата”, но и додаде дека “поради членот 86 ова не се случи”.

“За случајот Темпи, ја завршивме нашата истрага и набргу ќе постои одлука. Знам дека на национално ниво веќе е донесена одлука. Ние ја имаме нашата внатрешна процедура. Стигнуваме до крајот на процесот, штом имаме одлука ќе информираме”, истакна Ковеши.

Дополнително, на прес-конференцијата европската обвинителка потенцираше дека “правдата не може да се претвори во реално шоу”.

“Ако сакате да ја откриете вистината, не ги повикувајте сведоците да зборуваат на телевизија и на тој начин осомничените да можат да го чујат она што треба да го скријат”, нагласи Ковеши.