Европските производители на соларни панели бараат помош


Европските производители на соларни панели побараа од Европската унија мерки за итна помош за да се зачува производството наспроти евтиниот кинески увоз, се вели во писмото што го видел Ројтерс.

Група европски производители на соларни панели најавија затворање на погоните, наведувајќи го бранот увоз и прекумерната понуда на делови што се натрупаа во европските магацини, принудувајќи ги да ги намалат цените.

Швајцарскиот „Мајер Бургер“ планира да ја затвори својата фабрика загубар во Германија доколку не ја добие ветената помош од владата.

Во писмото до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, здружението ESMC предупреди дека европските производствени капацитети може да се намалат повеќе од преполовен во рок од неколку недели, доколку ЕУ итно не им помогне.

– Во следните четири до осум недели главните производители на фотоволтаични модули во ЕУ и нивните европски добавувачи се подготвуваат да ги затворат производствените линии доколку веднаш не се преземат значителни кризни мерки, предупредува здружението во писмото од 30 јануари.

ESMC бара од ЕУ програма за откупување на вишокот резерви на соларни модули за да се намали прекумерната понуда. Тие бараат и измена на регулативите за државна помош и посилна владина поддршка за домашните производители.

Ако не може да ги спроведе овие мерки на краток рок, ЕУ треба да разгледа и „заштитни“ механизми, како што се царини и квоти, кои би го ограничиле увозот, сугерира здружението.

Европа брзо се свртува кон соларната енергија и минатата година инсталираше рекордни 56 GW нови капацитети за производство на соларна енергија.

Проширувањето на капацитетот игра важна улога во заштитата на климата, но во голема мера се потпира на увоз на делови од Кина. Затоа другите сектори го критикуваат предлогот за тарифи, предупредувајќи дека тоа може да го наруши снабдувањето од Кина и потенцијално да го запре воведувањето на зелена енергија.