Европа преплавена од сомнителен кинески мед, дали го има и кај нас


Доколку на пазарот најдете нелогично евтин мед, тоа е сигурен знак дека станува збор за фалсификат, а не за прирден мед, предупредуваат пчеларите. Според нив технологијата за производство на лажен мед од разни видови сирупи толку напреднала што сега дури и густината па и стврднувањето, односно зашеќерувањето, не е веќе сигурен показател дека медот е природен. Во Европската унија пчеларите подолго време настојуваат да се одбранат од лажниот мед кој, како што пишуваат тамошните медиуми, најчесто доаѓа од Кина. Во нашата земја нема увоз на мед од Кина, уверуваат македонските институции. Но, пребарувањето по интернет покажува дека и кај нас има нечесни производители. Пред неколку години во нашата земја, во голема акција беа запленети тони гликозен сируп и комплетна опрема за производство на фалсификуван мед, а на повеќе лица им биле изречени казни по 5.000 евра.
Европските производители на мед повикуваат да се воспостави план за вонредна акција, за да се спаси оваа важна стопанска гранка која е погодена со пад на производството во ЕУ и со пораст на увоз на евтин мед.
Соочени со „критична и крајно непостојана“ состојба на пазарот, производителите на мед во ЕУ, заедно со земјоделското здружение „Копа-Когека“ (COPA-COGECA), во петокот на 14 февруари покренаа апел за „силен и брз одговор“ од Брисел, пишува порталот Еуроактив.
Секторот страда откако во 2019 година се намали производството – цената на медот не се зголеми соодветно и падот на производството беше компензиран со зголемување на евтин увоз, се вели во извештајот.
Во земјите од Европската унија не се произведува доволно мед за да се задоволат сопствените потреби и се увезува околу 40 отсто мед од трети земји. Европските производители се борат против зголемувањето на евтиниот увоз, особено од Кина, со кој тие не можат да се натпреваруваат.
Од 2013 година, ЕУ просечно годишно увезува од Кина 80.000 тони мед, како и илјадници тони од Украина и од Мексико. Додека во минатата 2019 година просечната цена на кинескиот мед беше 1,24 евра за килограм, просечните трошоци за производство во ЕУ во 2018 година изнесуваа 3,90 евра за килограм. Покрај тоа, цените на медот во главните земји увознички продолжуваат да паѓаат, пишува Еуроактив.
Ваквата разлика во цените „може да се објасни само со големо додавање на шеќерен сируп, кој е поевтин за производство и тешко се открива на граничните контроли во Европа и по дефиниција и според методот за производство на мед во Кина, не одговара на европските стандарди“, се вели во новиот извештај на здружението на земјоделци „Копа-Когека“.
Според Етиен Брунео, претседател на работната група за мед во здружението, „ако состојбата на пазарот не се подобри, европските пчелари кои значителен дел од своите приходи ги добиваат од пчеларството, нема да можат да продолжат“, што е закана за „постоењето на над 10 милиони пчеларници низ ЕУ“.
Тој додаде дека „пчеларството и услугите за опрашување што ги нуди, заедно со дивите опрашувачи, се неопходни за европското земјоделство и хортикултура, како и за биолошката разновидност. Затоа, оваа состојба се заканува и на другите сектори“.
Медот во моментот е регулиран во ЕУ со Директивата за мед, но прописите со кои се бара декларирање на потеклото на медот се екстремно ниски. На етикетите може да се прочита „мешавина на мед од ЕУ“ (на пр. мешавина на мед од повеќе од една земја – членка), „мешавина на мед надвор од ЕУ“ (мешавина на мед од повеќе од една земја надвор од ЕУ), „мешавина на мед од ЕУ и надвор од ЕУ“ (на пр. мешавина на мед од ЕУ и не-ЕУ).
Меѓу другите препораки, акциониот план повикува ЕУ да обезбеди дека секој мед увезен од трети земји е во согласност со дефиницијата на ЕУ за мед, особено за медот од Кина, да го направи задолжително означувањето на потеклото за мешаниот мед на европско ниво и соодветно да биде наведен процентот на медот што се меша.
„Копа-Когека“ исто така повикува да се создаде европска референтна лабораторија за мед во тесна соработка со Заедничкиот центар за истражување, како и со европската опсерваторија за пазарот на мед.
На последниот Совет на ЕУ за земјоделство и рибарство што се одржа во јануари, група од 16 земји – членки објави заедничка декларација во која се повикува Европската комисија да размисли за повторно отворање на Директивата за мед за да се пропише појасно означувањето на потеклото на мешавините на мед.
„Мора да биде наведена земјата на потекло на производот, како и соодносот на европскиот мед и медот од други извори“, изјави унгарскиот министер за земјоделство Иштван Наги по состанокот.
Заедничката декларација ја потпишаа Бугарија, Чешка, Кипар, Естонија, Франција, Грција, Унгарија, Италија, Латвија, Литванија, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија и Шпанија.
И во Македонија пчеларите подолго време предупредуваат на нелојалната конкуренција и на евтин мед на пазарот, што укажува дека не станува збор за природен мед.
Пред две недели реагираа од Агенцијата за храна и ветеринарство од каде што ги демантираа наводите на претседателот на Пчеларски сојуз на Македонија, Менде Трајковски, кој во изјава за медиумите, како што се вели во реакцијата на АХВ, „неосновано тврди дека македонскиот пазар е преплавен со фалсификуван неквалитетен мед по потекло од Кина и дека истиот се продава во маркетите““.
„Најодговорно тврдиме дека во земјава се увезува безбеден и квалитетен мед и дека на македонскиот пазар не се продава мед по потекло од Кина. Увоз на мед од оваа земја не е реализиран ниту лани, ниту во 2018 година“, велат од АХВ.
Од таму додаваат дека од увезените 35 пратки со мед минатата година, со вкупна количина од 220.515 килограми, најголемите количини, или 29 пратки тешки 156.238 килограми се по потекло од соседна Србија. Три пратки со вкупна тежина од 63.000 килограми минатата година се увезени од Молдавија, една пратка со 1.151 килограм мед е од Австралија и една од Франција, со тежина од само 126 килограми. Во 2018 година, пак, во Македонија вкупно биле увезени 420.649 килограми мед, од што најмногу (252.000 килограми) од Молдавија, 168.504 килограми од Србија и 145 килограми мед од Франција.
Од АХВ уверуваат дека сите пратки со мед кои се увезуваат подлежат на задолжително лабораториско испитување при влез во земјава со цел контрола на резидуи и контаминенти, одредување на квалитетот на медот, начинот на пакување и означување и утврдување на евентуално недозволено присуство на антибиотици во медот. „Од сите земени мостри од увозните пратки со мед, досега не се евидентирани отстапувања по однос на овие параметри, односно медот кој се увезува во земјава е безбеден и квалитетен“, се вели во реакцијата.
Инаку, според порталот ворлдстопекспортс.ком, најголем извозник на мед во светот е Кина, со 11 отсто од вкупниот извоз на мед, пред Нов Зеланд со 10 отсто од вкупниот извоз. Македонија, според истата интернет страница, е на 67 место (од 137 земји) со вредност на извезениот мед од 668 илјади долари.
На страна на увозот, пак, според истиот извор, мед најмногу се увезува во САД, за 504 милиони долари (или 22,5 отсто од вкупниот увоз на мед), а потоа во Германија (305 милиони долари или 13,6 отсто од вкупниот увоз на мед). Македонија е рангираана на 64 место од вкупно 196 земји, при што вредноста на увезениот мед изнесувала 1,2 милиони долари (0,1 отсто од вкупниот увоз на мед). (Н.В.)