Европските лидери во Давос: Клучно е зголемување на вооружувањето за Европа и Украина


Швајцарија– Зајакнување на системот за вооружување и вооружувањето на Украина е од клучно значење за време на руската инвазија, договорија денеска лидерите на некои европски земји и шефот на НАТО на панелот за безбедност во Европа за време на состанокот на Светскиот економски форум во Давос.

Холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен рече дека Европската унија би можела да ги здружи силите за да обезбеди комплексни системи за оружје што и се потребни на Украина.

Белгискиот премиер Александар Де Кру рече дека е потребна поголема координација при одлучувањето кои системи за оружје и се потребни на Европската унија како долгорочна безбедносна цел.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг рече дека најдобар начин за поддршка на Украина е да се обезбеди оружје, што сојузниците го прават на високо ниво и повтори дека иако ја поддржува Украина, НАТО нема да биде дел од конфликтот.

Отворајќи ја седницата, шефот на претседателската администрација на Украина, Андриј Јермак, им порача на државите дека не мора да водат војна, но ги повика да му помогнат на Киев да ја води.

Тој предложи формирање меѓународна советодавна работна група која ќе понуди безбедносни гаранции за Украина, вклучително и обезбедување оружје, финансирање на обновата и одбраната, задржување на санкциите кон Русија и пристапување во ЕУ. 

Претседателот Пендаровски истакнал дека руската инвазија врз Украина како никогаш претходно ја наметнала потребата Европската Унија да се фокусира на интеграцијата на земјите од Западен Балкан, процес кој дополнително ќе ја зајакне стабилноста, безбедноста, демократизацијата на регионот, а со тоа ќе придонесе и кон целокупната безбедност на континентот.

Нагласил дека НАТО, но и Европската Унија, се двата коридори за подобра, побезбедна и попросперитетна иднина.

– Потребно е да ѝ помогнеме на Украина, да ги убедиме и другите сојузници кои можеби имаат одредена доза на скептицизам. Политиката на „отворени врати“ не треба да важи само за НАТО, туку да се применува и за Европската Унија, вратите и на двете организации да останат отворени за украинскиот народ. Украинците се борат за сопствената слобода, но оваа борба е и за одбрана на демократските вредности. Ова е војна на една автократија против демократија. Доколку Путин успее некако да победи во оваа војна, тогаш нема само да ја победи Украина, порачал Пендаровски, додавајќи дека Северна Македонија во рамки на своите можности дава поддршка на Украина, од воена до дипломатска помош.

Според Пендаровски, политиката на отворени врати мора да продолжи, не само во однос на НАТО, туку и во однос на Европската Унија бидејќи во спротивно концептот за обединета Европа ќе биде само сон.