Европските берзи во плус трет ден по ред


 

Цените на акциите пораснаа на европските берзи во средата наутро, трет ден по ред, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од податоците за намалувањето на инфлациските притисоци во Франција.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9:30 часот порасна за 0,5 отсто, добивајќи сила трет ден по ред.

Лондонскиот FTSE индекс утринава се зголеми за 0,04 отсто, на 7.557 поени, додека франкфуртски DAX зајакна за 0,98 отсто, на 14.320 поени, а париски CAC зајакна за 0,97 отсто, на 6.688 поени.

На пазарите владее добро расположение бидејќи продолжува серијата позитивни извештаи од економиите од еврозоната.

Откако претходните денови беа објавени извештаи кои покажуваат дека падот на производствената активност во еврозоната е забавен и дека инфлацијата во Германија е намалена, утринава беше објавен извештај кој покажува дека во декември е намалена и инфлацијата во Франција.

Цените на акциите пораснаа и на повеќето азиски берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без Јапонија, околу 9:30 часот порасна за 1,3 отсто, трет ден по ред.

Истовремено, јапонскиот индекс Никеи падна за 1,45 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија, Јужна Кореја и Хонг Конг пораснаа меѓу 0,2 и 3,2 отсто.

Јапонскиот Никеи е под притисок бидејќи податоците објавени утринава покажаа дека производната активност во таа земја продолжува да слабее, и покрај монетарната политика со голема поддршка.

Од друга страна на берзите владее добро расположение бидејќи инвеститорите се надеваат дека со помош на новите стимулативни мерки наскоро ќе се забрза растот на кинеската економија.

Сепак, вирусот Ковид брзо се шири во Кина, што може да изврши притисок врз здравствениот систем и целата економија, предупредуваат аналитичарите.

Оптимизмот на азиските берзи на почетокот на новата година не ослабна ниту по вчерашниот пад на Волстрит. Во вторникот, првиот работен ден на најголемата светска берза во новата година, Dow Jones загуби 0,03 отсто, додека S&P 500 се лизна за 0,40 отсто, а Nasdaq индексот 0,76 отсто.

Тоа во голема мера се должи на падот на цената на акцијата на „Тесла“ за 12 отсто, откако производителот на електрични автомобили објави пониски од очекуваните испораки во последниот квартал од минатата година.

Цената на акцијата на „Епл“ исто така драстично падна, за 3,7 отсто, по написите во азиските медиуми за слабата побарувачка за ајфон и намалување на производството во Кина.

Така, во првиот работен ден од новата година продолжи падот на цените на акциите, откако минатата година индексот S&P 500 потона за повеќе од 19 отсто, што беше негов најголем пад од светската финансиска криза во 2008 година.

Ова беше резултат на агресивните зголемувања на каматните стапки од страна на американската централна банка за да се ограничи инфлацијата, која во средината на годината го достигна највисокото ниво во последните 40 години.

„Минатата година беше ужасна за берзата. Причините за тоа не исчезнаа само затоа што започна новата година. Инвеститорите и понатаму се загрижени за инфлацијата и зголемувањето на стапката на ФЕД. Сè додека ситуацијата не стане појасна, тешко е да се очекува значителен пораст на пазарот“, вели Мајкл Џејмс, директор во Wedbush Securities.

Инфлациските притисоци во САД се намалија во последните месеци, поддржувајќи ги надежите дека ФЕД наскоро ќе го заврши циклусот на зголемување на каматните стапки, но инвеститорите стравуваат дека економијата ќе западне во рецесија оваа година и каматните стапки ќе останат на високи нивоа подолго од очекуваното.

Затоа, во среда, инвеститорите ќе се фокусираат на објавување на записникот од минатогодишниот состанок на ФЕД, што би можело да им обезбеди на инвеститорите нови насоки. (СЕЕбиз)